Косовскиот игран филм „Улиште“ на Блерта Башоли, во кој копродукциски учествуваше и „Црна мачка продукција“ од Македонија, предизвика голем интерес кај публиката. Поради тоа, Кинотеката ќе го прикаже филмот дополнително во два термина, вечерва од 18 и од 20 часот.
„Улиште“ е дебитантски филм на авторката Башоли и е трикратен добитник на награда на 38. филмски фестивал „Санденс“ во САД годинава, како и официјален косовски кандидат за наградата „оскар“ за најдобар меѓународен филм. Главната улога ја толкува извонредната актерка Јилка Гаши.
Филмот е копродукција на Косово, Македонија, Чешка, Луксембург и на Албанија.
Фахрије е жена чиј сопруг e исчезнат уште од војната во Косово. Таа започнува мал земјоделски бизнис за да го прехрани своето семејство во традиционалното патријархално опкружување, каде што на нејзината амбиција да биде еманципирана не се гледа како на позитивна работа. Нејзиниот потфат започнува добро, освен пчелите во нејзиното улиште, кои се чини дека се хаотични и агресивни кон неа. Во своето патување да се помири со пчелите, таа започнува да прави мир и со самата себе, за да може да живее и да се зајакне во новата ситуација за да се соочи со многу непријателска реалност… Филмот се базира на вистинска приказна.