Операта „Турандот“ од Џакомо Пучини ќе биде изведена на 9 февруари, во 20 часот, во Националната опера и балет. Спектакуларната продукција на епската кинеска бајка на еден од најславните и најбарани оперски режисери на денешницата, Џанкарло дел Монако, повторно е на сцената на Националната опера и балет.
Диригентка е Бисера Чадловска, режијата, сценографијата и костимографијата се на Џанкарло дел Монако, додека под кореографијата се потпишува Саша Евтимова, концерт-мајстор е Јане Бакевски. Настапува домашна солистичка екипа: Весна Ѓиновска Илкова, Ѓорѓи Цуцковски, Злата Тошевска, Владимир Саздовски, Јане Дунимаглоски, Дејан Стоев, Диме Петров, Мирослав Антовски, хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
„Турандот“ е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, а базирана на адаптацијата на Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци. Пучини умира не довршувајќи ја операта, која подоцна е завршена од Франко Алфано. Одликувајќи се со „невообичаен“ музички материјал, во кој предничи иновативната употреба на хорот и оркестарот, стилот на Пучини во ова оперско дело е особено препознатлив во широките експресивни мелодии.
„Турандот“ изобилува со моменти на восхитувачка мелодиска убавина, која особено доаѓа до израз во незаборавната тенорска арија, една од најубавите во оперската литература, „Несун дорма“.