Во Кина се пронајдени 20 нови војници од теракота, а може да има и многу повеќе, дури и неколку илјади. Теракотната армија е збирка од илјадници војници, коњи и кочии во природна големина, кои ја прикажуваат војската на првиот кинески император Чин Ши Хуанг од династијата Чин. Оваа војска датира од 3 век пр. н.е., а била откриена во 1974 година, кога локалните фармери се обиделе да ископаат бунар источно од гробницата на императорот.
Досега археолозите пронашле речиси 8.000 скулптури на војници. Меѓутоа, неодамна беа откриени уште 20 во добра состојба и пренесени во просторијата за заштита и реставрација. Меѓу скулптурите има генерал и воен офицер од среден ранг. Дваесетте војници се пронајдени во јамата бр. 1 на теракотната војска во Ксиан. Вкупната површина на јамата е 14.260 квадратни метри, така што постои можност во наредниот период да се најдат уште многу нови војници, до 6.000. Оваа војска од теракота се смета за едно од најголемите археолошки откритија и е под заштита на УНЕСКО од 1987 година. Се состои од 8.000 статуи на војници, 150 коњи, 130 кочии со коњи, како и голем број оружја, како мечеви, копја, самострели и слично.

Кога првиот император од династијата Чин починал во 210 година пр. н.е., околу 700.000 луѓе учествувале во изградбата на неговиот мавзолеј, а внатрешноста требало да ја наслика земјата, вклучувајќи кули и палати, па дури и реки. До денес, голем дел од гробницата е сè уште мистерија и го привлекува вниманието на научниците. Статуите ја претставуваат војската на императорот, кој, покрај моќта и успехот, бил познат и по стравот од смртта и злите духови. Затоа, војската била создадена за да го „заштити“ во задгробниот живот од зли духови. Статуите биле направени посебно, а потоа собрани. За нивните лица биле користени десет калапи, а потоа биле персонализирани со глина за да се разликуваат едни од други. За да се постигне зачудувачки реализам, керамичките фигури биле застаклени и обоени во разни бои, кои речиси целосно исчезнале до денес. Благодарение на археолозите и нивните техники за конзервација, има сѐ повеќе откритија и скулптури што откриваат информации за империјата и поранешниот живот.