Панедмијата тема на 55. МТФ „Војдан Чернодрински“

Тема на 55-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, кој е во тек, беше театарот во услови на пандемија, проблемите и можните решенија. Според Катарина Коцевска Хаџи Василева, уметничка директорка на фестивалот, ковидот многу го погодил театарот.
– Нашата уметност е жива, изведувачка, актерите се соочени со жив контакт. Пробавме да играме со маски, но е доста попроблематично. Всушност, публиката е најбезбедна во театарот, затоа што е на дистанца, се носат маски и не се зборува за време на претставата. Целиот протокол тече, маски, дезинфекција, мерење температура…, но потребна ни е публика, барем 50 проценти, затоа што со 30 проценти не можеме да функционираме. Претставите ќе течат, но финансиски голем проблем е за одржливоста на театарот. Постојат и други проблеми. Се сочуваме со неможноста да му наредиш некому да се вакцинира. Еден актер е вакциниран, друг не. Затоа треба да донесеме заедничка одлука како ќе се надмине состојбата – вели Коцевска Хаџи Василева.

Актерот Драган Спасов-Дац исто така смета дека на театарот му треба публика.
– Нам, на актерите, ни е најтешко. Порано за малку луѓе не игравме претстава. Голем проблем е со публиката. Кога глумецот ќе застане на сцената и ќе го каже текстот, поинаку звучи пред публика, друго е кога ја нема, текстот се губи низ салата. На некои фестивали има сто проценти публика. Зошто и на овој фестивал, бидејќи е реномиран, не се направи да дојде повеќе публика? Театарот е убав кога е полн, кога мириса на убави парфеми, на кармини, кога шушкаат здолништа и публиката аплаудира, а ние долго се поклонуваме – вели Спасов.
Театрологот од Србија, Александар Милосављевиќ, кој на фестивалот е член на жирито, е задоволен што на МТФ „Војдан Чернодрински“ се почитуваат сите мерки, а публиката е дисциплинирана.

– Организаторите на фестивалот, заедно со театарот-домаќин, направиле сѐ публиката да се чувствува безбедно. Во Србија, од каде што доаѓам, имам различно искуство. Имавме фестивали организирани со сто проценти посетители, а има и фестивали со 50 проценти и не знам некој фестивал да бил жариште. Но овде е друго прашањето, а тоа е битката за преживување на театарот. Како во овие услови, кога има дистанца, со маски, да се одржи театарскиот живот, а театарот е важен. Од друга страна, има концерти со многу публика. Прашањето е што ќе се случи ако театарот стане одвишен, ако луѓето се одвикнат да доаѓаат во театар, ако глумците глумат во ТВ-серии, филмови? Што ќе се случи со културата? Затоа секоја земја мора енергично да се бори да го одржи театарот во живот – вели Милосављевиќ.