Со орото „Комитско“ во изведба на КУД „Илинден“, на ракометното игралиште во Битола, свечено беше отворено 52-то издание на републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови”, на кое му претходеше дефилето на фолклорни групи и друштва од државата и светот низ Широк Сокак во Битола.

– Илинденските денови“ се културното ехо на Манифестот од 1903-та и универзалниот повик за слобода и за човечки правдини. Ние, Македонците, одамна ја дигнавме главата, но не за да покориме некого туку за да живееме во разбирање со секого. Нашата вековна мудрост нė научи дека оној што ни задал низок удар веќе доволно се
наведнал пред нас и се понижил и пред историјата и пред фактите. Нашето срце, од колено на колено, бие во седум осмински такт зашто само така сме живи. Ние песна не украдовме, ние песна подаривме. Ние оро не позајмивме, ние на оро повикуваме. На овој бел свет, верувам, не постои човек кој барем не слушнал колку е и „проста и строга“ македонската песна, колку е длабока македонската музика, колку е страствен, а тежок чекорот во македонското оро. И оттаму велиме,ако има некој што не ја знае и не ја разбрал нашата историја, нека ја запее нашата песна, нека го изигра нашето
оро – тие ќе му кажат сė – рече министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска, која повика сите песни и игри од три континенти – да одекнат низ Битола, преку Широк Сокак и Хераклеја да грмне низ коријата до славно Крушево.

Ова е екот во чест на сите кои од дното на своето срце викнаа ура, ја создадоа првата Република на Балканот и ни го подарија македонскиот празник над сите празници – Илинден. Зашто без него ќе ги немаше ни АСНОМ 44-та, ни 8 септември 91-ва.

– Вечерашната фестивалска вечер е уште една потврда за големината и значењето на културата и традиционаланите вредности во Битола, како град со богато културно наследство. Под мотото од корените до цветот оваа година имаме фестивал преку кој во Битола се навраќаме на минатото и испраќаме пораки за заедништво и почитување на различностите. Фестивалот кој повеќе од половина век се гради и надградува промовирајќи ја историјата и културата е дел од програмата на битолското културно лето „Бит фест“, кое веќе втор месец го реализира општина Битола. Сите овие настани, кои посебно во летниот период ја раздвижуваат Битола, носејќи го националниот фолклор низ битолските улици, заживувајќи ги различните фестивалски сцени, изложбени и концертни простори, придонесуваат за значајна промоција на нашите вредности во светски рамки, со посебен акцент на настаните кои произлегуваат или се поврзани со историски значајни периоди. Верувам дека, сите гости, кои во овој период се дел од културните случувања во Битола, ќе имаат убав престој во нашиот град, кој ќе им остави добри спомени и впечатоци, а понатаму ќе продолжат да бидат наши
промотори во светот – рече градоначалникот Коњановски.

На свеченото отворање, пред присутните се обрати директорката на Центарот за култура Маја Андоновска Илиевски.

– Илинденски денови е фестивал во Битола, град што има доволно душа да го собере целиот свет, град што е стебло од каде расцутуваат цветовите на ритмите на звуковите од сите меридијани. За „Илинденски денови“ претесен е и Широк Сокак, кој се претвора во една сцена која мами од секоја педа да се заигра, запее, засвири. „Илинденски денови“ пречека гости и играорци од сите континенти, се запиша во мапата на ЦИОФ, затоа што во него трпеливи се вложувало со знаење и љубов, како аманет. 52 години расте и ни цвета нашиот фестивалски цвет. Нека ни цвета уште многу, многу години – рече директорката Маја Андоновска Илиевски.

Фестивалот за отворен го прогласи потпретседателот на Собранието Горан Мисовски.
М.М.