„Македоника литера“ неодамна ја објави книгата „На север од егејскиот свет“ од Драги Митревски. Книгата претставува сублимат на досегашните научни сознанија од истражувањата на авторот за бронзеното и железното време на територијата непосредно на север од Егејско Море, од јадранскиот брег во Албанија до Црно Море во Бугарија. Таа е една целосно заокружена слика за културниот развиток на заедниците од таа територија, до нивното организирање во првите антички држави.
Книгата е базирана на севкупните досегашни археолошки откритија од териториите на денешните модерни држави на тој простор, обединувајќи ги на едно место во цврсто документирана научна целина, која преставува драгоцен прилог за балканската археологија и културна историја. Таа е плод на тридецениското проучување и документирање на сите археолошки податоци што произлегуваат од теренските истражувања на локалитетите од бронзеното и железното време на територијата на целата т.н. среднобалканска зона.

– Белезите на материјалната и духовна култура на заедниците на север од егејскиот свет, според археолошките наоди, во многу сегменти се блиски меѓу себе, но и во речиси ист однос, како кон истовремените појави на југ во егејскиот басен, така и кон културите на север, во карпатско-подунавскиот басен. Оттаму, се поставува прашањето дали тој регион да се набљудува како северна периферија на т.н. егејски свет, како јужна периферија на карпатско-подунавскиот свет или како посебна етнокултурна структура. За одговор на ова прашање е неопходно да се сумираат сите податоци што произлегуваат од археолошките истражувања во последните сто години, од денешните територии на Јужна Албанија, Северна Македонија, Северна Грција и Јужна Бугарија – пишува Митревски во предговорот.
Книгата е илустрирана со стотина фотографии.
Драги Митревски е редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје – Институт за археологија. Реализирал триесетина археолошки проекти, меѓу кои најзначајни се повеќегодишните истражувања. Тој е еден од најавторитетните археолози на Балканот за периодот на бронзеното и железното време. Учествувал во најголем број од истражувањата во последните 35 години во споменатиот регион од Балканот, како непосреден раководител, стручен консултант или како гостин во стручната екипа, особено на локалитетите во Македонија. Сето тоа му овозможува научна и стручна компетенција за овој проект, со кој се заокружува доволно документирана слика за културниот развиток на наведената територија во споменатиот период.