Концертот насловен „Тиквешка рапсодија “ на Страшо Темков, флејта, и Сара Пројковска, пијано, ќе се случува во три града, денеска во Музејот на градот Неготино, со почеток во 12 часот, во домот на културата „Мирка Гинова“ во Демир Капија, со почеток во 20 часот, и на 27 јули (понеделник) во домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, исто така со почеток во 20 часот. На програмата се дела од Х. Бифтинк, А. Карастојанов, П. Мартин, Г. Шокер и Ф. Амиров, кои концертот „Тиквешка рапсодија“ го дефинираат како една слободна музичка форма со мотиви од фолклорот. Како што објаснува Страшо Темков, делата што ќе бидат изведени на овој концерт се претежно со фолклорна тематика, обработена во класична и џез-верзија и произлегуваат од различни краеви на светот.
– Концертот „Тиквешка рапсодија“ всушност е моја дамнешна желба да направам циклус на концерти во мојот роден крај. Досега сум реализирал многу концерти и гостувања како солист со многу познати диригенти и оркестри, почнувајќи од една од најпрестижните светски концертни сали „Карнеги хол“ во Њујорк, потоа во Франција, Италија, Велика Британија, речиси сите балкански земји, па до другиот крај на светот, со симфонискиот оркестар на Хо Ши Мин во Виетнам. Меѓутоа во мене отсекогаш тлееле желбата и потребата да се настапува пред публиката со која ме врзуваат спомените од моите рани почетоци, од моите први настапи, каде што за првпат ја почувствував моќта на сцената и ги доживеав првите аплаузи. Морам да признаам дека иако континуирано сум присутен со концерт на музичката сцена во Кавадарци, редовно ми претставува голем предизвик дружбата со прекрасната публика од Тиквешијата – вели Страшо Темков. Ми.М.