Аницин, кој веќе е препознатлив по своите интерактивни проекти и изложби, објави јавен повик во кој ја повикува публиката да сподели традиционални рецепти, чии вкусови ќе го инспирираат во создавањето акрилни дела

Аницин подготвува интерактивна изложба

Чкембе-чорба, турлитава, тавче-гравче, дроб на тетовски начин, бакардан, баклава, ѓомлезе, питулици, сирење во фурна, дроб со ориз, бајалди, крап во тепсија, млечник, кумановски мезелаци, зелник со коприва, јанија, сарамсаклии, сутлијаш, малешевски зелник се само мал дел од рецептите што ќе го инспирираат ликовниот уметник Дарко Аницин за делата од изложбата со наслов „Боите на вкусот“, која е во подготовка. За таа цел, Аницин објави јавен повик со кој ги повикува пријателите, публиката и љубителите на неговите дела да му испратат рецепт од омилено традиционално јадење, карактеристично за поднебјето од каде што потекнуваат.
– Целта на овој автономен иновативен проект е преку мобилизирање на граѓаните од различни културни средини да ги поттикне на негување и афирмирање на традицијата и културата. Нишката што ги поврзува сите се провлекува во истражување и проверување на евентуалната приказна, што знае да ги обои денот и расположението е оној сегмент што секој со задоволство го зема здраво за готово – храната – вели Аницин.
Според него, храната овозможува своевидно директно искусување на историјата и културата, неизбежните составни делови од уметноста на гастрономијата, како еден од клучните елементи на материјалното културно наследство, еден од факторите на идентитетот на одреден народ, на одредено географско подрачје.

– Големо влијание врз нашата национална кујна, врз нејзиниот специфичен облик имаат Турците, поради долгиот престој на нашата почва од каде што е и доминантното влијание. Со појавата на печалбарството кон крајот на 19 век се воведуваат и новитети од Запад – тука се француската, унгарската, англиската, руската кујна – но незначително. Со текот на времето некои јадења, пренесувани со генерации, претрпеле влијанија (по вкус и боја), но целта е да ги зачуваме и грижливо да им ги пренесеме на новите генерации – појаснува Аницин.
По завршувањето на јавниот повик, авторот ќе прави избор на рецепти/традиционални јадења по кои ќе создаде акрилни дела што ќе бидат претставени на интерактивна изложба, на која ќе може и да се вкусат направените јадења.
– Секое ликовно дело ќе биде именувано по јадењето. Пример, традиционалното македонско јадење, кое се состои од тенки слоеви на кори, полнети со сирење, јајца, праз, киселец, познато како „мазник“ ќе биде наслов на уметничкото дело што го претставува – посочува тој.