Eдинствениот фестивал што го прославува звукот на лимените дувачки инструменти и има цел да ја истакне и промовира нивната улога во музиката, „Скопскиот брас фестивал“, ќе се одржи од 3 до 5 јуни, со почеток од 20 часот, во Филхармонијата.
Фестивалот ќе биде отворен од камерниот оркестар „Ле етуал“, со диригентката Ана Спасовска, а како солисти ќе настапат Марио Јанковиќ и Стефан Илиев. Наредниот ден, публиката ќе има можност да го слушне неверојатниот унгарски тромбонист Ѓорѓи Живишијан, придружен од Шкељзен Бафтијари на пијано и Балканскиот тромбонски ансамбл. Додека, пак, последниот ден е резервиран за „Брас на кирилица“ – вечер посветена на македонски лимени состави.
Дополнително, во текот на сите три дена, во фоајето на „НУ Филхармонија“, од 10 до 15 ч., ќе биде поставена изложба на дувачки инструменти од брендовите на светски познатата компанија „Бафет крампон“.
– Програмата на второто издание на „Скопскиот брас фестивал“ е искреирана, со цел на посетителите да им овозможи да доживеат нови искуства и да се запознаат со лимените инструменти на сосема поинаков начин – изјави Александар Ниниќ, претседател на „Макбрас асоцијација“ и организатор на „Скопскиот брас фестивал“.
Влезот на сите концерти е бесплатен и поканети се сите што сакаат да го збогатат и освежат своето секојдневие со нешто ново и, секако, да уживаат во квалитетна музика. Капацитетот на салата е ограничен до 300 лица и вратите ќе бидат отворени до пополнување на капацитетот.
Настанот е поддржан од Министерството за култура, Град Скопје и „Макбрас асоцијација“.