Нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески ја заокружи мини-турнејата, која опфати настапи со една од најголемите музички ѕвезди, легендарниот виолинист Максим Венгеров, на најпрестижните светски музички сцени. По исклучителните концерти во лондонската сала „Барбикан“ и њујоршката „Карнеги хол“, двајцата уметници ја одушевија и француската публика на концертот во салата на Париската филхармонија, изведувајќи дела од Моцарт, Прокофјев, Франк и Равел. И овој пат на долготрајните аплаузи и стоечките овации, тандемот Венгеров – Трпчески возврати со три изведби на бис.
Во изјавите за МРТ, прославениот виолинист Максим Венгеров, добитник и на наградата „греми“, ја истакна извонредната соработка со македонскиот пијанист Симон Трпчески.
– Одамна се знаеме со Симон и сме прекрасни пријатели од почеток. Со некои луѓе веднаш се воспоставува хемија и ова е таков случај. Долго време се надевавме дека ќе работиме заедно и, еве, се случија минатогодишниот настап во Белгија и оваа прекрасна мини-тура концерти во Лондон, Њујорк и во Париз. Ми беше позната комплетната работа на Симон и во него препознав многу сензитивен партнер.

Навистина се надевам дека ќе свириме и во иднина, дека можеби ќе успееме нешто заеднички да снимиме, а и повторно би сакал да дојдам во неговата родна Македонија – рече Венгеров.
Трпчески, пак, возврати на честа и задоволството да ја дели сцената со еден од најдобрите виолинисти на сите времиња.
– Оваа година навистина не можеше да почне поубаво. Ова е доказ дека соништата се остваруваат: на најпрестижните сцени настапив со Максим Венгеров. Чест е да се настапи со него. Освен 40-годишната кариера, тука се и неговата едноставност и големо срце што исто се чувствува на сцена во неговата исклучителна интерпретација на музиката. Се радувам што нашата искреност и фантастичното поврзување на сцената толку убаво беа препознати и од публиката – изјави Трпчески, кого наредниот месец го очекуваат гостувања во Германија и во Ерменија.