Марта Драгонитс, основачка на фестивалот „Арс сакра“ во Унгарија

Марта Драгонитс, една од основачите на фестивалот на сакрална уметност во Унгарија, „Арс сакра“ (партнер на 6. меѓународен филмски фестивал за духовни хумани вредности „Богородичен покров“, поддржан од Вишеградскиот фонд, чие шесто издание се одржа неодамна), зборува за успесите и целите на унгарскиот фестивал.

„Арс сакра“ всушност се состои од два фестивала, едниот посветен на сакралната, а другиот на филмската уметност, кои се одлично посетени. Како ви успеа тоа?
– Направивме огромен постер, кој вели: „Нашиот главен спонзор е Светиот дух!“ Следејќи го нашиот повик, сѐ повеќе и повеќе луѓе ни се придружија да го организираат фестивалот. Меѓу другите, работиме заедно со организаторите на „Европските денови на наследството“, бидејќи најголем дел од европското културно наследство е сакрално. Европската култура изникнала од јудео-христијанската вера, корените на нејзината цивилизација се таму.
Која е вашата мисија и цел и како ја доживувате сакралната уметност?
– Веруваме дека сакралните ремек-дела ги допираат срцата на луѓето, па со нивна помош се приближуваат или се враќаат назад кон Бога. Веруваме дека создателот посеал семе на верба во сите нас. Ако го храниме и негуваме тоа во нас самите и меѓусебно, тоа ќе никне, ќе порасне, ќе пушти лисје, ќе процвета и ќе роди плод. Овие уметнички дела и перформанси се исто така цвеќиња и плодови на вербата, чии звуци, бои, мириси и вкусови сакаме да ги споделиме, а и нивните семиња можат да се сеат одново, да ги умножуваат и збогатуваат нашите духови.
За време на фестивалот ги отворате вратите на сите цркви, архитектонски зданија, замоци, катедрали, театри, концертни сали, музеи, универзитети, организирате концерти, изложби, театарски и музички изведби. Каков е одзивот на публиката?
– Светиот дух ни дава сила, ни помага да поврземе луѓе и општества. Добиваме толку многу позитивен повратен ефект и тоа исто така ни дава сила. Фестивалот „Арс сакра“ покажува знаци на надеж во културата, го прави невидливото видливо, ги доведува на површина знаењето и симболите што долго биле заборавени. Овие работи ни помагаат да се запознаеме себеси и нашето време подобро.
Кој сѐ е вклучен во соработката?
– Фестивалот „Арс сакра“ ги исполнува стандардите на квалитет вклучени во европската уметничка, културна и општествена реалност. Има кохерентна и добро организирана уметничка програма, обезбедува можности за нови уметници. Програмата ги негува локалните поврзувања меѓу изведувачите и локалните заедници и помагаа да се зголеми пристапот до културата, привлекува различна публика, вклучувајќи различни социоекономски заднини, возрасни групи и полови. Фестивалот е сѐ поатрактивен за публиката преку бесплатни уметнички и едукациски програми, кои нудат вечни вредности.
Колкав буџет е потребен за реализација на еден ваков фестивал?
– Фестивалот почна со многу волонтерска работа. Почнавме да го организираме во мојата канцеларија за внатрешен дизајн. Членови на бордови на доверители работат како волонтери преку цела година, користиме свои телефони и автомобили. Аплицираме за многу грантови.
Од 2016 година организирате и филмски фестивал, какви жанрови на филмови преферирате и кои пораки ги носат наградените остварувања?
– Примаме филмови и од некои соседни земји, освен од Унгарија, но бидејќи тие филмови се исто така и на унгарски, тоа е унгарски филмски фестивал. Се прикажуваат само кратки документарни филмови што се занимаваат со важни прашања од животот, верата и надежта. Годинава сто филма беа пријавени, а 55 беа прикажани.
Пред повеќе години македонскиот фестивал „Богородичен покров“ упати апел за прогласување медиумски ден на мирот кога нема да се емитуваат содржини со насилство, порнографија, омраза. Дали би се придружиле на оваа иницијатива?
– Тоа е многу убава иницијатива. Би сакала да го потпишам тој повик. Од друга страна, какви резултати би можел да постигне еден ден без вознемирувачкото присуство на медиумите, какви резултати би можеле да се постигнат, но секако е доволно да се привлече внимание кон овој проблем. Јас сум оптимист. Св. Тереза од Лизу рекла: „Мој боже, спаси ме од тоа искушение, да мислам дека во сѐ треба да има ред.“
Во 2019 година во Будимпешта се одржа Светскиот христијански форум со импозантна бројка на врвни светски авторитети, како го доживеавте овој настан?
– Форумот беше во врска со моќта на медиумите, дека можеме да се сомневаме во нивниот свет и колку е лесно да се изгубиме во него. Има закана во регионот. Како резултат на судбината на гонетите христијани, неколку случаи и процеси на хуманитарна помош се почнати. Унгарија е една од земјите што постојано го привлекува вниманието на Европската Унија кон агресијата заштитена со закон против Коптите во Египет на 1 јануари 2011 г.
Започнавте со идејата дека сте повикани да го спасите светот. По сите овие години духовно усовршување, како размислувате денес?
– Па, кога бев млада, мислев дека можам да го спасам светот со мојата работа. Во текот на годините, сфатив дека светот е веќе спасен, така што мојата задача е само да им кажам на луѓето за тоа. Работиме како волонтери веќе 15 години за „Арс сакра“ и треба да го признаеме фактот дека добивме многу повеќе од фестивалот отколку што некогаш се надевавме.

Зорица Соломан Костовска, основачка на фестивалот „Богородичен покров“