Формирана платформата „Пионери“

Членовите на платформата „Пионери“, кои вчера ја претставија својата прва изложба со наслов „Уметница“, имаат цел да понудат платформа каде што ќе се сретнат новите визуелни уметници и љубителите на уметноста за да ја пронајдат и да ја реализираат својата креативна енергија.

Каква платформа е „Пионери арт“?
– Во глобални рамки во светот на уметноста, присутен е трендот на препознавање и поттикнување на потенцијалот на уметниците во подем. Нивните дела се брзорастечки сегмент на глобалниот пазар и успешно се издвојуваат на уметничките берзи со нивна промоција преку арт-платформи и светски уметнички центри. Го препознавме потенцијалот на овој пазарен сегмент, нудејќи уникатен едукативен пристап за промоција на новите уметници, нивните творби и трендови. Ние нудиме традиционално и современо (онлајн) уметничко искуство што ќе ја разбуди љубопитноста и ќе ги насочи љубителите да ја запознаат и вреднуваат домашната и регионалната уметност на уметниците во подем. Младите луѓе се во постојана потрага по нови уметнички форми што би им биле лесно достапни, колекционерите на слики сакаат да инвестираат во творби во кои ја препознаваат прогресивната пазарна вредност, а компаниите за да го облагородат деловниот простор и да го подобрат корпоративниот имиџ. Наша мисија е да понудиме платформа каде што ќе се сретнат новите визуелни уметници и љубителите на уметноста за да ја пронајдат и реализираат својата креативна енергија.
Отворена е и вашата изложба „Уметница“, за што поточно станува збор?
– Со оваа изложба го отворивме својот изложбен простор. Идејата зад изложбата е да ги презентираме и поддржиме новите и надежни женски уметници од Балканот и пошироко, жени што успеваат да се истакнат со својот уметнички израз, голема продукција на слики, меѓународна продажба и изложби во сопствената земја и во странство.
Кои уметници се застапени на изложбата?
– Изложени се слики, дигитални илустрации и графики. Тука се делата на уметницата во подем, Калина Брајковска, во големи формати од нејзината неодамнешна изложба во МКЦ, „Љубовта е круна“, како и слики што сè уште не се претставени во јавноста. Зуелјха Зубери Али е застапена со слики од 19. Зимски салон на ДЛУМ, потоа се изложени делата на единствената Олгица Паковска, како и од Вања Штркова, која се претставува со дигитални илустрации и слики во акрил. Тука се и истакнатите млади графичарки Ана Трајковска и Ана Јовановска, како и сликите во акрил на Бранкица Јордановска. На изложбата се и слики и дигитални илустрации на нашата архитектка Бисера Крцковска, која живее и работи во Белград и се карактеризира со едноставен, но крајно впечатлив израз. Од Белград исто така доаѓа Емилија Радојичиќ, која плени со своите романтични уникатни цртежи на шнитови од „Бурда“, кои во моментот се изложени во Хонгконг, Будимпешта. Претставени се и акварели на Марија Аничиќ од нејзината серија слики – фрагменти на жени во движење.
Што ве поттикна да го опфатите само творештвото на жените?
– Покрај тоа што сите се нови уметници во подем, сакавме да најдеме уште една заедничка нишка помеѓу уметниците од Балканот застапени во селекцијата за нашата прва изложба. Како и секаде, така и жените во уметноста имаат помал удел и влијание, нивните дела се далеку помалку застапени во главните постојани колекции во САД и во Европа, а на аукциите делата на женските уметници се продаваат по пониска цена од делата на мажите. На жените им бил буквално забранет пристапот до уметничката професија сѐ до 1890-тите. Од тогаш бројот на жени уметници, куратори, уметнички дилери, колекционери полека се зголемува. Во тој контекст, успеавме да најдеме навистина голем број талентирани жени уметници во Србија и во Македонија и целта ни е да ги истакнеме нивниот придонес и успех на нивото што го заслужуваат, не само во регионот туку и надвор од неговите граници.
Кои се идните проекти на оваа платформа?
– Целта ни е да ги промовираме уметниците во подем од Балканот на глобалната уметничка сцена и пазар, да ги презентираме нивните дела и да ги направиме достапни за што поширока публика, привлекувајќи го вниманието на локалните и интернационалните инвеститори во уметноста кон балканската современа уметничка сцена. Сакаме да ја поврземе нашата платформа со најголемата уметничка платформа „Артси“, со што ќе влијаеме на зголемување на пазарот и подобрување на промоцијата на нашите локални уметници. Веќе работиме на зголемување бројот на уметници од поранешните југословенски републики со кои соработуваме, а наедно остваруваме соработка со различни галерии. Планираме и саеми на балканска уметност. Нашата крајна цел е да се обратиме на интернационалниот пазар, нудејќи дела на уметници што имаат нов израз, а истовремено да бидеме платформа на која другите галерии ќе ги промовираат своите дела.