Во просторот на Нова сцена во НУ Центар за култура Битола се отвори самостојната изложба „Рудименти“ на академскиот скулптор Владимир Симоновски.

Изложбата се состои од седум скулптури и еден објект изработени со специфична техника во дрво и метал, кои заедно прават уникатна целина. Сите дела се концептуално поврзани и откриваат избалансирана естетика на моќни симболички форми. Како рефлексија на средновековната иконична претстава „Слегувањето на Христос во адот“, публиката учествува во симнување во подземен простор во кој се согледува себеси низ скулпторски форми на раѓање, детска игра, духовен пад и преобразба.

Во каталогот за изложбата, историчарот на уметност и графичар Владо Ѓорески пишува: „Владимир Симоновски … дантеовски тргна во потрага по семиотиката на изгубената цивилизација, по светлината на Богочовекот, кој се спушта во нашиот нов свет, во нашите подруми, и повторно се распнува низ вкрстените порти. … Тоа се порти што преку смртта и повторната преобразба во светлина нè воведуваат брзо (затоа што навистина немаме време и дефинитивно сме изгубени во безизлезен вртлог) во трансцедентното, во духовното, давајќи ни храброст да ја погледнеме смртта в очи оти подобро е да се биде мртов човек одошто бесмртен робот. … Владимир Симоновски ни ја фрла вистината пред нас, поставена на црниот крст на нашето распаѓање, наспроти левитирачките порти низ кои може да помине само оној што верува, но не во лажните пророци, не во лажните спасители, душогрижници за нашето „здраво“ опстојување. Во малиот, темен простор тој ги поставува суштинските остатоци од секој нас и нè раслојува во една поетска метаморфоза, во еден детски еквилибриум, во една решетка на сите наши заробени слободи, отсекаде и засекогаш, во една лажна светлина на сите машински зборови што се замена за некогашните говорења. Конечно, тој ни ги остава клинците на сите наши распетија – љубовни, мечтателни, творечки, едноставни, скромни во сите сегменти на животот што сме го заборавиле.“

Изложбата ќе биде отворена секој ден до 6 јануари 2022 година од 17 до 19 часот.