Еден од најзначајните млади македонски хармоникаши, Филип Петрески, ќе одржи рецитал во камерната сала на Филхармонија в понеделник (16 мај), при што на програмата се дела од Золотарјов, Албениц, Семјонов, Дога, Зубицки и Пјацола.

Покрај Филип Петрески, ќе настапат и хармоникашите Христијана Матеска и Виктор Кулески, Александра Чуруковска (контрабас), Марија Ѓошевска (пијано) Марија Трајковска (виолина), Маријана Николовска (пијано) и Александар Поп – Христов (гитара).

Филип Петрески (1998) е роден во Прилеп, Македонија.Основното музичко образование го завршил во ООМУ „Ордан Михајловски – Оцка“ во родниот град. Своето образование го продолжил во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ Скопје во класата по хармоника на проф. м-р Зорица Каракутовска, во чија класа на Факултетот за Музичка Уметност Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје дипломирал со највисока оцена „cum laude”. Во текот на неговото образование Филип се закитил со голем број награди на разни државни и интернационални натпревари, додека во меѓувреме редовно учествувал и на бројни концерти и фестивали во Македонија и во странство. Како солист гостин и член во разни камерни состави учествувал во повеќе манифестации меѓу кои и меѓународниот проект „World Accordion Day” (6-ти мај Светски ден на хармониката), концерти организирани од Музичка младина на Македонија, Фестивалот „Златна Лира”, Musica Viva, Фестивал на млади хармоникаши, Вечер со звуците на хармониката, Филхармонија за филхармонија и други. Во 2015 годina Филип се закитил со 5-то место на еден од најпрестижните натпревари за хармоника „Castelfidardo“ во Италија, додека истата година го промовирал македонското творештво на светскиот куп за хармоника „Coupe Mondiale“ кој се одржал во Турку – Финска со изведба на делото “Dej-gi-di” од композиторката Бете Илин. Во 2021 година се закитил со „златен медал“ во Италија на 12-иот интернационален нантпревар за хармоника „Italy Award”, додека континуирано на македонската музичка сцена го одржал својот прв рецитал под називот „Вечер со звуците на хармониката“ во Охрид, а со полурецитал настапил и на 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“ на подиумот за млади. Петрески е член на „Танго – Трио“ со кои редовно настапува на различни фестивали и манифестации на државно и интернационално ниво.