На македонски, расказот „Наредното евангелие“ е објавен во ЛИК, прилогот за култура и уметност на „Нова Македонија“, при што тој може да се проследи на сајтот на весникот

Во најновиот број на ревијата за култура и уметност „Енекен“ од Солун е објавена новата проза на македонскиот писател Томислав Османли. Станува збор за впечатлив расказ, во кој книжевно се прекршува најактуелната тема, пандемијата, со која сѐ уште трагично се соочува човештвото. „Наредното евангелие“ го слика тој феномен, кој не престанува да ја оптоварува нашата севременост, како стихија од библиски вид, епидемија што се шири одамна, а денес само експлодира. Во прозата на Османли, светот се соочува со сопствената длабока болест, крајно поделеното, дистанцирано и изолирано човештво доведено до пароксизмот на искушувањето и на самиот бог…
Пишувана со библиски израз, оваа проза на Османли гради есхатолошка визија на поделеното, егоизирано и спротивставено човечко општество соочено со пандемијата: глобалното отуѓување е причина и за епидемијата на глобалната осаменост. Општествената поделеност и егоизам, според авторот, се повод и за социјалните дистанцирања во денешницата од затворања, самоизолации, осамувања, при што „новата реалност“ се држи на истенчените конци од сочувственоста.
Пред најновата грчка објава, овој парадигматичен расказ, кој нашиот писател го напиша минатата година при трагичните кулминации на првиот бран од пандемијата, досега го објавија неколку регионални медиуми: хрватскиот портал „Култура. Хр“, српскиот „Синхро.рс“, босанско-херцеговскиот „Астронаут.ба“, а на македонски, расказот „Наредното евангелие“ е објавен во ЛИК, прилогот за култура и уметност на „Нова Македонија“, при што тој може да се проследи на сајтот на весникот. Грчкото списание „Енекен“ по третпат објавува книжевен текст на Османли, претходно ги публикуваше песната „Љубов“ и претставувањето на прозната збирка „Светилка за Ханука“.