Детскиот културен центар „Карпош“ и Град Скопје годинава по вторпат го распишаа Конкурсот за оригиналнo прoзно дело за тинејџерска возраст во жанрот на роман, новела или збирка раскази, а некои од условите беа пријавените ракописи да имаат наративна форма, најмалку 50 страници, да бидат наменети за тинејџерска возраст, да се напишани на македонски јазик и досега да не биле објавувани.
По сериозно препрочитување и разгледување на пријавените дела и по неколку одржани средби, тричлената стручна комисија, на чело со Александар Прокопиев како претседател, го избра ракописот „Улицата Изгрејсонце“, симпатичен роман за детското другарство и радост во истражувањето на природата и секојдневниот живот на малиот град, но истовремено и роман за првата детска искрена љубов што не се заборава.
Виктор, кој со семејството живее на УИ 42, и Ирина, девојчето што за време на летото и зимата го посетува, се главните ликови преку чие дружење авторот ни ја доловува атмосферата на малото место, со богати описи на околната природа и односите меѓу децата и возрасните, со идилична слика на едно спокојно и топло живеење. Романот „Улицата Изгрејсонце“, во кој и боровите добиваат имиња (Јунак и Братко), во кој домашните кучиња слободно со децата шетаат низ природата, а Нова година и Божиќ се прославуваат во една подзаборавена блискост на големото семејство, е четиво што ќе го заинтригира љубопитството на детските читатели за важните квалитети на меѓучовечкото разбирање.

Авторот на крајот од романот (поделен во два дела) посочува дека ова е приказна од „застарен модел“ на тема другарство, во која намерно не се споменуваат компјутери и мобилни телефони. Но токму тоа ѝ дава сила на пораката што ја носи романот „Улицата Изгрејсонце“, како што порачува и самиот автор, „да не дозволиме нашите деца да живеат во осамениот, изолиран свет на технологијата, туку да се обидеме да го направиме светот на нашите деца бајка, а детството приказна што подоцна ќе им ја раскажуваат на своите деца“.
Ракописот „Улицата Изгрејсонце“ целосно ги исполнува основните критериуми на конкурсот, делото да биде забавно, досетливо, поучно, да поттикнува креативност и критичко размислување.
Комисијата смета дека целта на овој проект – креирање можности за авторите што пишуваат литература за деца и млади, како и креирање читачки навики кај младите преку содржини што ќе поттикнат љубопитност кај нив – со годинешниот конкурс, како и со неговите идни изданија, ќе биде целосно исполнета.
Со оваа одлука, комисијата го препорачува ракописот „Улицата Изгрејсонце“ за објавување и го охрабрува детскиот културен центар „Карпош“, културно-образовна институција со долгогодишна традиција што го организира и осмислува слободното време на децата во воспитно-образовната и творечка работа, да го продолжи постоењето на овој конкурс во рамките на манифестацијата „Читачки маратон“.