Претставата „Птицата со глава меѓу нозе“, чиј автор и режисер е Коле Ангеловски, е закажана за 12 април, во 20 часот, во Драмскиот театар.
Сценографка на претставата е Илина Ангеловска, а костимограф Раде Василев.
Улогите ги играат Стефан Вујисиќ, Маја Вељковиќ Пановска, Благоја Чоревски Ѓокица Лукаревски, Марија Кондовска, Анастас Тановски, Калина Наумовска, Благица Димитровска, Симон Манасковски.

Чудна комедија со среќен крај. Птицата е симбол на слобода. Може да лета каде што сака, за неа не постојат граници, не постојат ограничувања, но, ако главата ѝ е меѓу нозе, ќе лета, ама ниско, пишува во описот на претставата.
Климент, млад доктор, бил на специјализација во странство. Таму се запознал со една девојка, која студирала славистика и го зборува македонскиот јазик. Никогаш не била во Македонија и би сакала да ја види таа земја, за која толку многу слушала. Климент ја поканува да дојде, да ги види убавините на земјата, да ги запознае луѓето, традицијата, историјата… Девојката прифаќа.

– Птица со главата меѓу нозе не е класична комедија, нема изневерени мажи и напуштени жени, нема брканици, смешни карактери, ова е приказна за она што ни се случува денес во Македонија, од пандемија, од социјала, од политика… Приказни за тоа како било, а како е денес. За тоа како луѓето се однесуваат во чудни и сериозни ситуации, а сето тоа погледнато од еден позитивен и комичен агол. Ова е актерска претстава, ќе играат постарите актери на Драмски, врвни мајстори на овој жанр. Начинот на играње по Станиславски, со сето она, кој сум, што сум, биографија, вистински односи, ама откачено и со дистанца. А тоа мислам дека многу добро го правиме. Шест машки улоги, четири женски.

Стенографски просторот претставува салон на старата куќа со сето она што има во тој тип куќи, од мебел, реквизити, реалистично и автентично. Да мириса на темјан и дуњи. Но во текот на претставата куќата се смалува, работите исчезнуваат… Некаква тежина притиска одозгора. Мрак, молњи, дожд – пишува Коле Ангеловски.