Прозата на македонскиот писател се анализира заедно со делата на Херта Милер, Елфриде Јелинек, Слободан Шнајдер, Мануел Ривас, Олга Токарчук, Биљана Србљановиќ, Јури Андрукович, Људмила Улицкаја и други значајни имиња на современата европска литература

Во Париз излезе најновата едиција на реномираната историја на европските книжевности „Летрес еуропенес“, во коавторство на четворица универзитетски професори, Аник Беноа-Дисосо, Ги Фонтен, Јан Једрзејевски и Тимур Мухидин, а во соработка со дури две стотина соработници од сите европски земји. Предговорот на ова издание е на нобеловката Олга Токарчук.
Во ова капитално дело од речиси 1.200 страници, во 16 поглавја, најнапред се толкува и аргументира концептот на европската литература, а потоа се анализираат авторите, книгите и поетиките од средниот век до денес.
Во последното поглавје, насловено „Тенденции и современи фигури, 1989-2021“, меѓу осврти за делата на Херта Милер, Елфриде Јелинек, Слободан Шнајдер, Мануел Ривас, Олга Токарчук, Биљана Србљановиќ, Јури Андрукович, Људмила Улицкаја и други значајни имиња на современата европска литература, се анализира и прозата на современиот македонски писател Александар Прокопиев.
По кусиот животопис, следува анализа на неговата поетика во „Човечулецот“ и „Ѕиркачот“, со цитирани мислења за неговата раскажувачка постапка од Владислав Бајац и од Георѓи Господинов. Поетиката на Прокопиев се сместува во линијата на инвентивни раскажувачи, како Бартелми, Калвино.
– Тој ужива во подметнувањето на сентименталните парчиња од бајките, задржувајќи многубројни елементи на фантастичните или магичните повести. Прокопиев ја втелотворува постмодерната струја во Македонија, додека ги тера читателите да го прифатат фактот дека самиот живот се темели на збрка – се заклучува во освртот.