Во домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци синоќа се одржа промоцијата на книгата поезија во проза под наслов „Јас и Јас“ на Миланчо Пендев од Ваташа. За својата прва објавена книга авторот вели дека е резултат на на речиси дваесетгодишно истражување на самиот себе, во борбата за своето јас со близнакот во него.

Книгата е составена од песни кои наизглед се разликуваат една од друга, но во суштина се многу тесно поврзани помеѓу себе и имаат иста и единствена цел, јасен видик во темниот тунел на нашата совест која игра исклучителна улога во борбата помеѓу доброто и злото. Преку моето лично искуство се обидов во секоја песна да се наоѓа извесен број задачи кои преку можноста за лично препознавање ќе ве доведат до самостојно решавање или откривање на светлото во тунелот – вели авторорт Миланчо Пендев.

За поетесата Цветанка Колева книгата првенец на Миланчо Пендев претставува одбрани лични искази од длабочината на неговата интима кои ја имаат силната порака дека само наша е одлуката дали сакаме да станеме или да останеме добри во оваа време кога во меѓучовечките односи совеста се почесто исчезнува а интересот безмилосно го зазема местото на добрината која само со споделување може да раѓа друга добрина.

За рецензентот на книгата Илија Мерковски книгата „јас и Јас“ на Миланчо Пендев отвора демензии со кои се омеѓува светот во себе и оној кој ни ноќева во гласот сопствен. Со пишуваните ентитети авторот изненадувачки допира до суштината на битисувањето на единката во вечната борба на двете спротиставени страни „Јас и Јас“ и ја отвора дамна затворената одаја на согледувањата и доживувањата на човечката размисла за животот.

Целата промоција протече во прекрасна атмосфера испреплетена со сугестивна интерпретација на извадоци од книката од страна на Диме Коцевски и Микица Илова и
настапот на младите музичари од музичкото училиште „Лазо Мицев Рале“: Надица Цветковска – виолина и Глигор Дубров – пијано под менторство на професорката Весна Павлова и Јахија Омеров – кларинет и Ивана Јанакиева –пијанао под менторство на професорот Лазар Соколов. Ми.М.