Промоцијата на стихозбирката „Молитвени дискурси“ на Андреј Медиќ Лазаревски ќе се одржи вечерва во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 20 часот.

Модератор на промоцијата ќе биде Софија Тодороска, за збирката ќе зборува Пепи Стамков, а свое обраќање ќе има и издавачот Јулијана Величковска.

Песни од збирката ќе читаат Ана Голејшка Џикова, Калина Качоровска и Ивана Јовановска.

„Молитвени дискурси“ е втора стихозбирка на Андреј Медиќ Лазаревски, а е во издание на издавачката куќа „ПНВ Публикации“.

Корицата е изработка на Јован Димоски, а поговорот на збирката е на Весна Томовска.

Андреј Медиќ Лазаревски е роден во Скопје, 2001 година.

Студент е по филозофија на Филозофскиот факултет при УКИМ. Основач е на неформалната организација за култура „Култура β“ каде работи на интервјуа, поетската и философската рубрика. Негова прва поетска книга е „Беседење со неа“ (2021, Дата Песнопој).