Промоција на „Менциј“ на приредувачот Игор Радев

Книгата од областа на старата кинеска филозофија „Менциј“, во превод од старокинески јазик и со предговор и белешки на Игор Радев, доктор по старокинеска филологија, ќе биде промовирана денеска, во 19.19 часот, во „Салонот 19.19“, при Културно-информативниот центар во Скопје.

Книгата, која е издание на „Македоника литера“, ќе ја промовира проф. д-р Ристо Солунчев.

За местото на Менциј во класичната кинеска филозофија ќе зборува Игор Радев.
Менциј е еден од четворицата најголеми кинески класици, покрај Лао Це, Чуанг Це и Конфуциј, односно најпознатиот конфуцијанец по Конфуциј. „’Менциј‘ првпат интегрално се објавува на македонски јазик, со предговор, коментари и во превод од старокинески на д-р Игор Радев. Предговорот, всушност, претставува обемна и пристапна студија, во која се обработени мислата на Менциј и историскиот контекст на настанокот на делото на Менциј.

Делата на Менциј се напишани во седум книги, во вид на дијалози, а сите тие се собрани во една книга епонимно наречена по авторот – „Менциј“, а првпат интегрално се објавени на македонски јазик.

„Македоника литера“ претходно ги има објавено „Лун Ји (Беседи и мислења)“ на Конфуциј (познати и како „Аналектите“ или „Изреченија“), „Тао Те Кинг“ на Лао Це и „Безгрижно талкање“ на Чуанг Це.

Менциј е еден од стожерните филозофи во кинеската историја, чиешто дело претставува вододелница во интелектуалниот живот на оваа земја. Живеел во преодот од 4 и 3 век пред Христа, кога Кина се наоѓала поделена на многу мали држави, кои честопати биле во конфликт. Во таквите околности, дошло и до заживување на филозофската мисла, кога разни филозофи, коишто претставувале различни интелектуални школи, влегувале во остри полемики меѓу себе.
– Менциј се смета за најзначаен претставник на конфуцијанската филозофска школа, по влијанието веднаш зад самиот Конфуциј. Според традицијата, тој учел под покровителство на ученик на внукот на Конфуциј – Ци̌’ Сӣ’ (483 – 402 пр. н.е.). Всушност, конфуцијанската историографска традиција го ословува Менциј просто како „вториот мудрец“ (ја̀ ше?нг), каде што првото место, секако, му припаѓа на Конфуциј.

Главните теми на кои се осврнува Менциј, обработени во делото епонимно наречено по него „Менциј“, се од областа на етиката, политиката и филозофската антропологија – вели Игор Радев.
Менциј секогаш е претставен како говори во трето лице, најчесто во разговор со други личности, вообичаено владетели, но и со други високопоставени луѓе, а исто и со други мислители, но и со некои од своите ученици. Временски, настанувањето на книгата „Менциј“ може да се датира некаде кон средината на 3 век пред Христа.

Структурно, книгата е поделена на седум дела, секој од нив разделен на две поглавја, со што има вкупно четиринаесет поглавја. Поглавјата најчесто се насловени според името на главниот соговорник со кого Менциј дебатира во нив.