Во Кинотеката на Македонија, како дел од официјалната селекција на долгометражни филмови, од 18.30 часот ќе се одржи проекција на данскиот филм „Претпоследниот“ (The Penultimate, 2020, 120’) премиерно прикажан во долгометражната селекција на дебитантки филмови на Фестивалот „Црни Ноќи“ (Black Nights) во Талин. По проекцијата публиката ќе има единствена можност да проследи дискусија со режисерот на филмот Јонас Керуп Хјорт.

„Претпоследниот“ е кафкијанска приказна за безначаен водоводен инспектор кој пристигнува во џиновска зграда за да ги регистрира водомерите на жителите. Пред да разбере што се случува, тој се наоѓа себеси заробен во лавиринт од пречки како „Алиса во земјата на НЕ-чудата“. Во неговиот обид да избега, перцепцијата на реалноста, рационалното и остатоците од неговото човечко постоење се превртени наопаку…

Сместен во мрачна дистописка и клаустрофобична атмосфера, овој филм со елементи на драма на апсурдот се наоѓа на линијата меѓу делата на Франц Кафка и Луис Керол. Дезориентацијата, збунетоста и изгубеноста на антихеројот од филмот во непознатиот и чуден свет се само дел од клучните елементи на долгометражниот филмски првенец на Јонас Керуп Хјорт. Преку специфичен хумор и алегорија, и притоа користејќи минималистичка сценографија, данскиот режисер ни нуди едно гротескно патување во еден простор (објект) кој наликува на лавиринт.

Во самиот филм е непознато како времето тече. Но смртта е симбол на времето. Затоа смртта е толку далеку колку што е и близу. Филмот нè упатува на фактот дека никогаш целосно не сме сами, а истовремено и на човековата потреба за трансенденција во самиот животен лавиринт.

Јонас Керуп Хјорт

Јонас Керуп Хјорт е дански филмски режисер којшто работи во Копенхаген. Пред да се запише на  Националната филмска школа во Данска, тој веќе има искуство во театар и како актер и како режисер. Во 2017 година дипломирал со наградуваното филмско остварување „За еден месец“ (In a Month), апсурдно и мрачно, визионерско истражување на човековото постоење. Филмот му ја донесе наградата FilmFunen Talent, неколку номинации на меѓународни фестивали за краток филм, како и три награди на Ekko Shortlist Awards. Тој го има напишано, режирано и монтирано неговиот прв долгометражен филм „Претпоследниот“ чијашто премиера беше во Талин.

Во останатиот дел од утрешната програма публиката ќе има можност да ги погледне и „По љубовта“ (After Love, 2020, 90’), дебитантски филм на Алем Кан кој премиерно беше прикажан во селекцијата „Недела на критиката“ на Канскиот филмски фестивал 2020, во 17 часот, како дел од Официјалната селекција на долгометражни филмови, а во вечерната програма, како дел од Ревијалната програма: Филм-философија, во 21 часот, ќе биде прикажан филмот „Млинот и крстот“ (The Mill and The Cross, 2011, 96’) на полскиот режисер Лех Мајевски, заедно со излагање на проф. д-р Владимир Мартиновски на тема „Едно платно – илјада приказни: меѓу ликовното дело и подвижните слики во филмот Млинот и крстот од Лех Мајевски“.