По повод 8 Март, Денот на женските права, Францускиот институт во Скопје закажа проекцијата на филмот „Старателство“, во вторник, во 20 часот, во Кинотеката на Северна Македонија.
Филмот е со ангажирана тематика и се прикажува по повод 8 Март, Меѓународниот ден на женските права, а наедно е и прв настан од серијата активности во знак на одбележување на Месецот на франкофонијата.
„Старателство“ е филм на Гзавие Легран, од 2017 г., со Леа Дрикер, Дени Миноше и Тома Жорија во главните улоги.
Филмот ја обработува темата за децата како жртви при бракоразводна постапка на родителите, но и за насилството во рамките на семејството. Според францускиот медиум „Ла кроа“, станува збор за неверојатна режија, извонредна игра на актерското трио, психолошки трилер за деструктивниот процес при семејно насилство.
„Старателство“ е добитник на голем број награди, меѓу кои и четири награди „цезар“ за најдобар филм, најдобра женска улога, најдобро сценарио и најдобра филмска монтажа.
Филмот е со превод на македонски јазик, а резервации на билети се прават во Кинотеката.