Премиерната изведба на претставата „Народен непријател“ од норвешкиот автор Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ, е закажана на 9 мај, на големата сцена во Македонскиот народен театар. Наедно ќе се одбележи и Денот на Европа.
Премиерната изведба на финалниот продукт од големиот и комплексен проект „Патиштата на хероите“ е поддржана од програмата на „Креативна Европа“, во рамките на повикот за проекти за културна соработка на Западен Балкан.

– Да се каже денес дека некој класик на драмската литература е актуелен звучи како општо кажано. Но, кога ќе го погледнеме драмскиот текст „Народен непријател“ на Хенрик Ибзен (напишан во 1882 година), фасцинантно е колку допирни точки гледаме меѓу општеството во кое живееме и она што се врти против доктор Стокман. Во случајот, во оваа претстава актуализацијата, пред сѐ, подразбира изострување на контекстот од каде што ја читаме драмата, без посебни интервенции во самиот текст, кој најмногу останува во својата изворна форма. „Народен непријател“ отвора и важна дилема во актуелните еколошки борби – како да се третира нешто што од една страна е извор на загадување и зараза, а од друга главен (честопати единствен) извор на приход за поголемиот дел од населението во тој крај. Доктор Стокман е парадигма на современиот ангажиран маж, но тој е и идеалист, кој верува дека промената е можна и дека моменталното жртвување е неопходно, без разлика колку е тоа болно – информираат од МНТ.

Драматург на претставата е Тамара Барачков, преведувачка на драмскиот текст Маја Трајановска-Ивановска, сценографка Вишња Вујовиќ. Костимографка е Ивана Каранфиловска-Угуровска.

Улогата на д-р Томас Стокман, лекар во општинската бања, ја игра Никола Ристановски, неговата сопруга Катарина е актерката Звездана Ангеловска, Петра (нивната ќерка), наставничка, е Дарја Ризова, Ејла, нивната средна ќерка, е Јана Вељановска. Мортине, нивната најмала ќерка, е актерката Ана Арсовска.
Петар Стокман (брат на лекарот), градоначалник и претседател на управниот одбор на бањата, го игра Благој Веселинов. Мортен Кил (потатко на Катарина), кожар, е актерот Петре Арсовски. Ховстад, уредничка на „Народен гласник“, е Сашка Димитровска. Билинг, соработник на „Народен гласник“, е Александар Михајловски, Аслаксен, сопственик на печатница, е Нино Леви, а Капетан Хорстер е Мартин Ѓоргоски.