Ароганцијата на која сме изложени во секојдневните животни борби често придонесува да се загубиме себеси, оневозможувајќи си ги потребното внимание и свесност за суштината на животот. Ова е темата на долгометражниот документарен филм „Како ја дефинираш ароганцијата?!“, по сценарио и во режија на Небојша Илијевски, кој премиерно e прикажан во киното „Фросина“, во Младинскиот културен центар во Скопје.
Музиката е на Бобан Лазовски, камерата на Бошко Столиќ и на Томислав Георгиев, анимациите на Ратомир Цениќ, колаж-артот на Маргарита Василевска, арт-директор е Дејан Спасовиќ, а монтажата е на Небојша Илијевски.
Ова е филм за последиците од дејствувањето на властите, профитерите, бирократијата врз животите на „малите луѓе“, но и за спознанието за моќта на тој „мал човек“ што е потиснуван од ароганцијата и заробен во своите стравови, мисли, патерни. Филмот го освестува потенцијалот да живееш наместо да живуркаш, фокусирајќи се на суштината наместо на формата.
– Без оглед на тоа дали се работи за решеност да се обелодени педофилија во црква, знаејќи ги последиците од таквиот чекор, за допинг-скандал што ти ја прекинува кариерата или за фактот дека си комплетно невидлив за системот и покрај успесите и вредностите што ги носиш, мудрост е да ги направиш работите што не можеш да не ги направиш, а притоа да не се изгубиш себеси – нагласува авторот Илијевски.
Продукцијата е на „Холистик филм“, а е поддржан од Агенцијата за филм.