Две изведби на претставата „Глумици“ се одржаа во МКЦ, во продукција на независното здружение „Артопија“. Претставата е реализирана со колективно авторство, Ненад Тонкин се потпишува на дизајнот на сценскиот простор, а музиката е на Дино Имери.
– Прашање е дали ова е воопшто претстава за глумици или за глумци, за театарот, за сите нас во него или за него во светот, за славата, блесокот, за сето она за што мечтаеме, за страдањето, за носењето на својот крст и верувањето. Можно е да не е. Можно е да не е ни претстава. Можно е да е нешто повеќе.
Не знаеме. Не знаеме ни дали никогаш досега не сме го правеле ова или отсекогаш сме го правеле токму ова. Да пробаме заедно, па ќе видиме – велат од „Артопија“.
Претставата е поддржана од Град Скопје и од Министерство за култура.

Јордан Плевнеш избран за претседател на „Академија Балканика Еуропеана“

По предлог на претседателот на Европската академија на науките, уметностите и книжевноста, Жан-Патрик Конрад, професор од Кралскиот колеџ од Лондон, македонскиот писател со интернационално реноме Јордан Плевнеш едногласно е избран за претседател на „Академија Балканика Еуропеана“, од сите 33 члена од десетте држави на Балканскиот Полуостров. Овој избор следуваше по неодамнешното заминување во вечноста на првиот претседател на академијата, Јон Карамитру, избран во Букурешт, на 29 октомври 2017 година, легендарен балканофил, театарски и филмски деец, прв министер за култура на Романија по падот на Чаушеску.
По изборот на новиот претседател Јордан Плевнеш, отворен е повик за избор на нови членови на академијата од областа на природните и општествените науки (од 5 април до 30 мај 2022 година). Научноистражувачкиот институт што ќе биде формиран од новоизбраните академици ќе работи во четири приоритетни области поврзани со проектот „Отворен Балкан“ – економија, екологија, медицина и обновливи енергетски извори.

Пленарното заседание на „Академија Балканика Еуропеана“, која по првото седиште во Букурешт, сега е официјално регистрирана во Скопје, се очекува да се одржи на крајот на јуни и почетокот на јули во Македонија.