Премиера на „Декамерон“ во Прилеп

Утревечер, од 19.30 часот, во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, премиерно ќе биде изведена претставата „Декамерон“, според Џовани Бокачо, во режија на Мартин Кочовски. Според директорката на ЦК „Марко Цепенков“, Јасмина Мицовска Станкоска, ова е прво поставување на овој текст, но и на авторот Бокачо во прилепскиот театар, за што драматизацијата ја подготви драматургот Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.
– Во околности на глобална општествена безизлезност, неизбежно е да се занимаваме со „Декамерон“, со триумфот на волјата на човекот наспроти ужасната, незамислива пречка кон среќата – смртта. Ова е претстава што ја следи цикличноста на постоењето, каде што човекот низ постојана борба со вселенските или божествените неправди успева експлозивно да го издигне својот дух. Силно удира по деликатни места на општеството, будејќи воодушевувачка радост од театарскиот чин – велат од екипата на претставата.
Според режисерот Мартин Кочовски, „Декамерон“ е претстава полна со живот.
– За жал, секојдневието не е. Специфичната природа на односи, која ни е зададена во овој период, само ги извлече на површина проблемите на општеството што сме ги имале. Изолираноста на индивидуата, отуѓувањето по секоја основа и класната поделба сега станаа видливи, но постоеле со децении. Истовремено, универзалната тага, солидарноста, сочувството нè поврзаа сите уште еднаш. Претставата „Декамерон“ стои на хуманистичката платформа на Џовани Бокачо и зборува за човековата волја за живот, радоста од „сега и тука“, за нашата кревкост, но и за силата на човечкиот дух низ ефемерноста на среќата и поуките на трагичноста – вели Кочовски.
Драматургот Лидија Митоска-Ѓорѓиевска посочи дека ѝ бил голем предизвик да ја направи драматизацијата на текстот.

– За мене беше голема задача и иако влегов во процесот со страв, сега излегувам со воодушевување. Понудивме современо читање на т.н. човечка комедија. Се среќаваме со различни ситуации и се занимавме со комплексни меѓучовечки односи, со очајот во кој нѐ фрла животот, но и способноста да бидеме разумни – вели драматургот Лидија.
Актерот Александар Степанулески посочува дека екипата со режисерот Мартин Кочовски е во „брак“ веќе 15 години.
– Совршено функционираме, а потребата да се реализира „Декамерон“ е повеќе од добредојдена. Многу ми е драго што имаме супер претстава – посочи Степанулески.
Актерката Наташа Ачански е задоволна од опстојувањето на соработката со режисерот.
– Сега имавме друг процес на работа, во однос на претходните соработки, со многу силни емоции. Зборуваме за сега и овде и мислам дека обработуваме дел што човек може да посака. Мислам дека ќе успееме да ѝ доловиме на публиката многу емоции – рече Ачански.
Сценографот Филип Јованоски посочува дека темата ренесанса долго ја мислеле, со години, со Кочовски.

– Сценографијата е различна од претходните соработки. Доста е помека и сѐ е подредено на дополнување на играта на актерите. Многу сум задоволен кога работам со овој колектив – вели Јованоски.
Костимографија за претставата е на Јулијана Војкова-Најман, музиката е под водство на Пеце Трајковски-Брада, а вокален музички соработник е Ана Митоска. Во претставата играат Александар Степанулески, Наташа Ачански, Здравко Стојмиров, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Марија Спиркоска-Илијеска, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Михајло Миленкоски, Андон Јованоски, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Цветанка Чавлеска, Сара Спиркоска и Леонардо Лазов. Реализацијата на претставата е финансиски поддржана од Министерството за култура, а оваа година прилепскиот театар ќе реализира уште четири други премиери. Ка.М.