На 26 мај, во 20 часот, во Музејот на современата уметност-Скопје ќе биде отворена самостојна изложба на еден од значајните уметници на интернационалната сцена, Ахмет Огут. Кураторки на изложбата, насловена како „Скокни!“, се Мира Гаќина и Јованка Попова. Пред официјалното отворање на изложбата, истата вечер, во 19 часот, публиката ќе може да присуствува на разговор и водење низ изложбата во присуство на уметникот.
Проектите на Ахмет Огут во голема мера се однесуваат на собирање локални приказни и барање сличности на друго место. За изложбата во МСУ-Скопје, уметникот ќе изработи ново дело, насловено „Скокни!“. Делото е инспирирано од чинoт на солидарност, кога по скопскиот земјотрес во 1963 година, светски познати уметници подарија свои дела, а МСУ-Скопје стана симбол на солидарноста и дом на исклучителна колекција на современа уметност во земјата.
– На изложбата во Скопје посетителите ќе можат да видат повеќе дела што се однесуваат на концептот заедништво, комуникација и споделување во периоди на криза, но и коегзистирање со преостанатиот жив свет.

Неговите дела се колаборативни, тој бара начин да ја ангажира публиката или случајните минувачи во ситуации што ја менуваат нивната перцепција за социјалните норми и однесувања. Преку хумор и мали гестови во делата, тој често коментира сериозни социјални и политички прашања. Инспириран од приказната за настанување на самиот Музеј и неговата колекција, во Скопје тој создава инсталација во која на возбудлив и игрив начин, со скок во височина, ги повикува посетителите да ги активираат нивните сеќавања поврзани со колективната траума од земјотресот и специфичната историја на солидарност, со поглед од поинаква перспектива на делата од колекцијата – велат кураторките Гаќина и Попова.
Ахмет Огут (1981) е уметник што живее и работи во Амстердам, Берлин и во Истанбул. Ја претставувал Турција на 53. Биенале во Венеција во 2009 година Бил резидентен уметник на „Ријксакадемија“, Амстердам, во 2007-2008 година и фондацијата „Делфина“, Лондон, во соработка со „Тејт“, во 2012 година.