„Дупло дно“ на сцената на театарот во Прилеп

Во театарот „Војдан Чернодрински“ во тек се подготовките на претставата „Дупло дно“ по текст од Горан Стефановски, во режија на Наташа Поплавска. Премиерата ќе биде во средината на мај, а претставата финансиски е поддржана од Министерството за култура. Режисерката Наташа Поплавска по вторпат на сцената од театарот „Војдан Чернодрински“ поставува текст од македонскиот драмски автор Горан Стефановски. По „Figurae, veneris…“, овој пат е „Дупло дно“. Подготовките течат непречено, а режисерката вели дека делата на Горан Стефановски за неа секогаш се предизвик.
– За мене Стефановски сѐ уште е жив и секогаш ќе биде поради неговите дела што секогаш се актуелни. Природно беше со прилепскиот ансамбл да имаме повторна средба со Стефановски, и тоа овој пат со „Дупло дно“, која е напишана во 1983 година, а зборува за уметникот и неговата борба за слобода на духот наспроти тоталитаризмот. Горан е еден од ретките уметници што остана доследен на себе и остана да биде само и единствено уметник – вели Поплавска.
Нејзиното прашање во претставата е колку дна има дното, на кое ќе бара одговор заедно со актерите на Прилепскиот театар.
– Иднината за која пишува Горан за нас е сегашност, а којзнае која е иднината? Што е драма, а што е стварност? Претставата започнува во скривница и по катаклизма и Стeфановски ни посочува дека „Ништо не е како порано.

Координатите се изместија. Нема уметност. Нема култура. Нема блефови.“ Ние денес поминуваме низ пандемија, некоја нова нормалност со која се изместија координатите, а сега имаме и војна, некои политички аналитичари велат дека сме на прагот на трета светска војна. „Дупло дно“ се занимава со прашањето како да се биде уметник во овие матни времиња. Стефановски го отвора дуплото дно сѐ подлабоко и ни дава неколку одговори на тоа што е дупло дно – вели режисерката.
Овој пат таа работи со помала актерска екипа: Игор Трче, Димитар Ѓеоргиевски. Даниела Иваноска, Зоран Иваноски и Катерина Чакмакоска. Драматург е Ивана Нелковска, а музиката му е доверена на еден од ретките и врвни македонски уметници, Ристо Вртев.
– Вртев, исто како и Стефановски, остана доследен на себеси, да биде само уметник во овие матни времиња. Затоа во претставата покрај актерите ќе имаме и музичари на сцената. Оваа претстава ќе биде мој можен одговор на прашањата што ги задава Горан. Имам комплетна визија за претставата и во таа смисла ќе оставам печат и преку дизајнот на сцената, костимите и сценските движења – вели Поплавска, потенцирајќи дека ѝ е задоволство да соработува со Прилепскиот театар. Ка.М.