Неколку дена по ред европскиот уметнички тандем Артур Жмијевски и Павел Алтхамер создава нови дела во просторот на Музејот на современата уметност – Скопје. Возбудливо е да се посведочи на нивниот колаборативен процес на работа, насловен „Отворено студио“. Куратор на проектот е Владимир Јанчевски.
Во текот на овие две недели, полските уметници ќе создадат триесетина уметнички слики на картон со акрилна боја и колажи од стари историски книги, мапи, карти, атласи, постери, образовни графикони… Посетителите се добредојдени да донесат дел од овие материјали и со тоа да придонесат во создавањето на делата. На 14 јули, во МСУ ќе биде отворена нивна изложба, токму со овие креирани дела, насловена „Полска школа на колаж“, која ќе биде поставена до 25 август.
Голем куриозитет е што некои од делата ќе му ги подарат на музејот и со тоа ќе ја збогатат вредната колекција. Со овој гест се реактуелизира донацијата на дела од светски познати автори. Улогата на Полска во создавањето на објектот на МСУ е од непроценливо значење. МСУ е симбол на солидарно Скопје, кога по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Обединетите нации носат резолуција во која стои дека не е важна само материјалната помош туку и културата за подигнување на духот на настраданите.