Годинашното, 34. издание на Саемот на книгата се враќа во редовниот, пролетен термин на одржување, од 3 до 9 мај, во арената „Борис Трајковски“, под покровителство на Министерството за култура. За време на саемските денови, сите позначајни издавачки куќи ќе се претстават со своите најнови изданија за 2022 година, ќе се реализираат средби со автори, но и голем дел промоции и попусти.
– Покрај враќањето на Саемот на книгата во редовниот термин на одржување, се очекува да се вратат и групните посети за учениците од средните и основните училишта на државата. Како една од најзначајните манифестации од областа на културата, Саемот нуди богата програма за деца и млади, со која најмладите посетители ќе можат да уживаат во светот на книгите. За време на Саемот ќе бидат организирани и работилници и промоции на нови изданија за деца – велат организаторите.
По повод 5 Мај, Ден на македонскиот јазик, ќе се одржи промотивен настан насловен „Македонски книжевни класици – Подарок за поколенијата!“, со почеток во 19 часот, во промотивниот центар во арената „Борис Трајковски“. Настанот е во организација на „Арс ламина“ – Скопје. На промотивниот настан ќе им се даде осврт на најзначајните творци на македонската книжевност: Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Солев итн.
Во седумте саемски денови ќе се одржат повеќе од 30 промоции на нови изданија и автори во промотивниот центар, а ќе има и гостувања на странски автори. Ќе бидат доделени и наградите на МАИ (Македонска асоцијација на издавачи).
На 34. издание на Саемот на книгата 2022 ќе се претстават повеќе од 60 издавачки куќи од Македонија, како и од Турција, Србија, Косово, Албанија. Значајно претставување оваа година ќе има Турција преку своето Министерство за култура и туризам, а во соработка со турскиот културен центар „Јунус Емре“. Во рамките на нивниот штанд се најавени многу активности со уметници и автори од оваа земја.