Платформа за култура на Западен Балкан за заштита на културното наследство

Особено внимание на состанокот беше фокусирано на теми поврзани со заштитата и зачувувањето на културното наследство во контекст на борбата против климатските промени и природните катастрофи како најзначајни предизвици на модерното време

Министрите за култура на земјите од Западен Балкан на состанокот во Тирана, на кој присуствуваше и еврокомесарката Марија Габриел, се договорија да почнат регионална платформа за култура, која треба да придонесе за зајакнување на соработката. Западен Балкан, според Габриел, е составен дел на Европа, како и геостратегиски приоритет на ЕУ, а фокусот на оваа прва средба со министрите е да се иницира редовен политички дијалог во областа на културата и културното наследство.
– Културата не е само наследство и заеднички вредности. Тоа е екосистем на иновации што го катализираат нашиот економски развој. Затоа продолжуваме да ги поддржуваме културните и креативните сектори во Западен Балкан преку програмите „Креативна Европа“ и „Еразмус +“, како и акциите финансирани преку претпристапните фондови. Формираме министерска платформа за култура за да ја подобриме соработката со ЕУ и во регионот. Ќе се користи за размена на искуства, добри практики и вмрежување – наведе Марија Габриел во објавата на социјалните мрежи, додавајќи дека се планираат министерски состаноци на секои две години, како и оперативни состаноци двапати годишно.
Таа изрази и очекување дека Министерската платформа за култура на Западен Балкан ќе биде добар пример за регионална соработка.
– Културата ги зближува луѓето, ја намалува дистанцата и различните истории. Ги здружуваме силите за поддршка на креативните иницијативи и културното наследство за доброто на младите и другите граѓани – додаде таа.
Меѓу главните задачи ќе биде заштитата на културното наследство од секакви предизвици и форми на загрозување.
– Културното наследство во нашиот регион долго време е изложено на различни форми на загрозеност, што е јасно препознаено од меѓународните организации, како што е, пред сѐ, УНЕСКО. Покрај директното загрозување на културното наследство, од политички или вандалски мотиви, се врши и нелегална трговија со културни добра со потекло од регионот. Во исто време, ние сме на маршрутата на шверц на уметнички дела што води од Блискиот Исток кон Западна Европа – рече српската министерка Маја Гојковиќ.

Во однос на улогата на младите во заштитата на културното наследство, Маја Гојковиќ истакна дека податоците покажуваат дека во Европа опаѓа интересот за студии поврзани со заштитата на културното наследство, дека има недостиг од млади луѓе во области како што се архивирањето, библиотекарството и конзервацијата на стари и ретки книги и текстил и дека на регионално ниво е неопходно да се осмислат и координираат посебни мерки за поттикнување на младите да се свртат кон особено ранливите професии.
Министерката за култура на Црна Гора, Маша Влаовиќ, исто така рече дека во наредниот период Министерството за култура и медиуми ќе направи дополнителни напори за интересирање на младите во областа на културното наследство и ќе работи со културните институции за дигитализирање и иновирање на содржините за да се зголеми нивната пристапност.
Министерката за култура на Албанија, Елва Маргарита, споделувајќи ја фотографијата на Твитер со своите колеги од регионот и од ЕУ, особено ја истакна важноста од издигање на свеста и бескомпромисна борба против нелегалната трговија со културно наследство во силна соработка на властите во регионот. На состанокот присуствуваше и македонската министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска, која исто така оцени дека министерскиот состанок во Тирана претставува клучен настан во заедничките напори за унапредување на соработката, нагласувајќи дека и младите треба активно да се вклучат во тие процеси.