Несекојдневна изложба на цртежи работени со молив на исклучително талентираниот уметник по вокација архитект Марјан Ризовски од Скопје синоќа беше отворена во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци.

Многу е ретка можноста на едно место да се видат толку дела исклучиво работени со молив бидејќи најчесто цртежот во молив во функција на скица за уметничкото дело првично ни го открива талентот на уметникот, но во случајот на Марјан Ризовски откриваме колку тој го негувал и развивал низ годините својот талент и останал верен и доследен на својот ликовен ракопис.

– Неговата ретроспективна изложба во Кавадарци на шеесетина дела ни раскажува една носталгична и топла приказна за македонската староградска архитектура и целиот раскош на градбите на македонските цркви и манастири. Всушност во неговите дела се вткаени многу приказни кои раскажуваат за пејсажите и архитекурата на прекрасните градови и места во Македонија кои на миг ве магепсуваат и ве тераат да ги видите одблизу, да се втурнете подлабоко во нив па дури и да посакате да ја допрете рапавоста на ѕидот од црквата. За вистинските љубители на цртежот во молив една најрационална графичко-сликарска техника изложбата на Марјан Ризвски задолжително треба да се види.
Со чудесна мекост на моливот и со чуство на третирање и на архитектонските форми и на пејсажот, со достојна мера на сензибилитет, ни ги претставува убавините и раскошот на нашата сакрална архитектура и на македонскиот пејсаж. Во пејсажот на Ризовски не постои небо. Таа останува чиста обична бела површина, што е мошне ретко и мошне смело, момент каде се губи третиот план на пејсажот, а перспективата останува присутна – ќе напише за неговите дела академик Томе Серафимовски.


За Љупчо Маленков цртежите на Марјан Ризовски претставуваат внимателно набљудувани ситуации и фрагменти од реалниот амбиент, кои во цртежот го добиваат своето значење и најсликовито го оправдуваат своето создавање и опстоење.
– Играта на светлоста и сенките е исто така забележана во неговите цртежи, па така ги среќаваме прекршени и разбиени, добивајќи автохтоно значење во специфичниот амбиент. За Ризовски цртежот е прецизен, но на моменти и условен од уметничкиот нерв . Потезите се одмерени и скромни во барањата. На моменти се соочуваме со употребени снажни и вешти рекурси, а другпат со леснотијата на цртежот во молив. Станува збор за самостојно и автентично дело кое не наведува на максимата дека „Цртежот е чесност во уметноста“- ќе напише во каталогот Љупчо Маленков.
На изложбата во Кавадарци за делата на Марјан Ризовски говореа директорката на домот на културата Јулијана Туриманџова , Трајче Цветков кустос историчар во Музрј-галеријата во Кавадарци, и Мирко Стефанофски од Скопје.