Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ е во потрага по четвртата генерација докуникулци, на возраст од 14 до 18 години, кои сакаат да бидат дел од годинешната работилница за креативен документарен филм.

– Како да се пријавиш? Сними се себеси, со телефон, веб-камера или на кој било друг начин и преку видеото, кое не треба да е подолго од пет минути, одговори на следниве прашања: Освен преку соништата, на кој друг начин бегаш од секојдневието? Кога би можел да бидеш кое било животно или растение, што би избрал/а да бидеш и зошто? Кое е твоето најрано сеќавање? Кога би сретнал/а магаре што знае да зборува, што прво би ти кажало и зошто? Кој документарен филм ти оставил најголем впечаток и зошто? Која е приказната што сакаш да ја раскажеш и зошто е различна од другите? Што би издвоил/а за себе како важно, специфично, откачено? Видеото испрати ни го на [email protected] преку WeTransfer. Уште подобро, доколку си во можност, прикачи го на VIMEO или YouTube, заштитено со лозинка, а нам испрати ни ги линкот и лозинката – соопштуваат од „Македокс.“
Повикот е отворен до 1 јули 2022, a резултатите ќе бидат објавени до 7 јули 2022 година.

Работилницата ќе биде распоредена во четири сесии и ќе се случува за време на:
Патувачкото кино на „Македокс“ (20-24 јули, т.е. пет дена), филмскиот фестивал „Македокс“ (18-25 август, т.е. осум дена), две есенско-зимски сесии по договор (пет-седум дена). На работилницата, своите знаења и вештини во документаристиката ќе ги споделат членови на креативниот тим на „Македокс“, ланските докуникулци и наши пријатели од други земји докажани докупрофесионалци.

Учеството е бесплатно. Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени, но имај на ум дека сместувањето, особено за време на Патувачкото кино, не е во хотел со пет ѕведзички, туку понекогаш дури и под отворено небо, со милион ѕвезди, заедно со тимот на „Македокс“, дополнуваат од „Македокс“.

– Бараме млади луѓе, храбри да се изразат креативно и слободно и подготвени да се впуштат во незаборавна авантура. Дванаесеттемина величествени ќе бидат поделени во три-четири помали групи, со по еден ментор, а на крајот на работилницата, секоја група ќе треба да има готов креативен документарен филм. Доколку си малолетен/на, заедно со пријавите, треба да доставиш и согласност од одговорен возрасен со која се одобрува твоето учество на работилницата – дополнуваат организаторите на фестивалот.

Патувачкото кино е неделив дел од „Македокс“, кој се случува низ руралните средини во Македонија.