Последното дело од истакнатиот македонски писател Петре Бакевски, поемата „Нова Атлантида“, деновиве излезе од печат во издание на „Арс ламина – публикации“. Станува збор за финалната книга на која Бакевски работел пред својата смрт во 2011 година. Изданието е сочинето од три пеења: „Бротче од хартија“, „Ecce homo“ и „Јазол од ветрови“. Првиот дел (верзија), првично објавен во 2008 година, е добитник на наградата за најдобра поема „Григор Прличев“. Авторот подоцна се посветил на создавање на другите два последователни дела, кои се заокружени во една целина, под насловот „Нова Атлантида“. По првпат ексклузивно од печат излегува комплетираното дело со сите три пеења. Уредник е Томе Силјаноски, а поговорот го напиша Јелена Лужина.
„Нова Атлантида“, како што има кажано Петре Бакевски, е сублимат на целото негово поетско, книжевно и животно искуство. Во неа се сите негови возвишувања и паѓања, сите негови соништа и изгубени илузии.
– Атлантида е метафора за исчезнувањето. Таа има двојно значење, и лично и општо. Животот на човекот се одвива во биолошки круг. Само времето постојано трае, се продолжува, се обновува, се пресоздава, ги пласти драмите, селективно и двоумно ги памети сеќавањата, предупредува и повторно се става на искушенија. И на нови предизвици. На нови потраги. На нови откровенија – рекол Бакевски.