Објавен романот „Средиштето на светот“ од Андреас Штајнхефел

43

Издавачката куќа „Готен“ го објави романот „Средиштето на светот“ од германскиот писател Андреас Штајнхефел. Преводот од германски јазик е на Ива Фиданчева. „Средиштето на светот“ е роман за проблемите поврзани со растењето, пубертетот, зависта и љубомората, пријателството и љубовта. Наменет е за тинејџерската читателска публика.
„Средиштето на светот“ е своевиден прозен реквием за туѓото во нас, за совршената важност на љубовта, за бескрајната потрага по човечноста и за насушната потреба од рационалноста. Штајнхефел со овој роман отвора многу прашања. Иако пишуван на крајот од 1990-тите, овој роман ја има атмосферата на отуѓеноста на дваесет и првиот век. Овој роман зборува и за вечната дисонантност на ниво на толеранцијата, она што е многу потребно во време кога и војните, а и болестите чукаат на вратата. Најпосле, Штајнхефел со својот роман ни говори дека сите во својот животен пат некаде сме тргнале, но дека конечно не знаеме каде ќе стигнеме, како и дека секоја станица во животот е ново искуство, кое ни ја пишува биографијата и прави од нас подобри или покомплексни луѓе. Романот беше номиниран за престижната Германска награда за млада литература.
Ива Фиданчева (Скопје, 1978) завршила германски јазик и книжевност во Скопје, а докторирала на тема од областа на социологијата во Јена, СРГ. Досега од германски на македонски има преведено околу 30 книги, меѓу кои и дела од: Зигмунд Фројд, Херман Хесе, Хајнрих Бел, Томас Ман, Мартин Зутер, Саша Станишиќ, Ингеборг Бахман, Петер Хандке, Даниел Келман, Лукас Берфус, Зибиле Берг, Терезиа Мора итн. Денес живее и работи како книжевна преведувачка и слободна доцентка во Лајпциг, Германија.
Издавањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.