Од печат излезе преводот на романот „Засолниште во времето“ од Георги Господинов, како двестотна јубилејна книга во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-или“. Преводот од бугарски на македонски јазик е на Душко Крстевски, дизајнот на корицата е на Марија Смилевска, а излегувањето на книгата е дел од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.
Како еден од најчитаните автори од преводната литература, чии романи „Физика на тагата“ и „Природен роман“ и збирките раскази „И сѐ стана месечина“ и „Сите наши тела“ се меѓу најкоментираните и најомилените меѓу нашата читателска публика, драго ни е што со новиот роман на Георги Господинов го славиме овој убав јубилеј на нашето издаваштво, на прагот на дваесетгодишнината од нашето постоење.
За новиот роман на Господинов, критичарот на „Ле фигаро“ напиша: „Бугарскиот романсиер напишал екстравагантен роман, сочинет од варијации на темите на минатото, сеќавањето и заборавот. Маестрално“.
Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици. На македонски се објавени: „Природен роман“, „И други приказни“, како и збирката песни „Балади и распади“, неговиот најуспешен роман, „Физика на тагата“ и збирките раскази „И сè стана месечина“ и „Сите наши тела“.