Документарецот што привлече големо внимание на „Санденс“ – „Најубавото момче на светот“, ќе се прикажува утревечер, во 20 часот, во Кинотеката.
Шведско-германско-францускиот документарец „Најубавото момче на светот“ е според сценарио и режија на Кристина Линдстром и на Кристијан Петри. Документарецот доби огромно внимание на ланскиот фестивал на независен филм „Санденс“ и забележа десетина номинации за награди на другите филмски фестивали во светот.
Во 1971 година, на светската премиера на филмот „Смрт во Венеција“, италијанскиот режисер Лукино Висконти го претставува младиот шведски актер Бјорн Андресен, тогаш 15-годишен, кој го игра волшебно убавото момче Таџио, во кое е вљубен стариот композитор Густав фон Ашенбах, во интерпретација на Дирк Богард. Оттогаш трае и сенката на несаканата слава на Андресен, со која се занимава документарецот на Линдстром и на Петри. Во 1970 година, Висконти бара актер што ќе го игра Таџио, лик на млад Полјак од аристократско семејство, и го наоѓа во Бјорн Андресен, кој иако млад веќе имал филмско искуство во голем шведски филмски хит „Шведска љубовна приказна“. По успехот на „Смрт во Венеција“, публицитетот што го добил Андресен најмногу бил фокусиран на тоа дали младиот актер во приватниот живот е хомосексуалец, бидејќи Висконти бил еден од најпознатите геј-режисери во филмскиот свет. Андресен одбивал улоги во хомоеротски филмови и се занимавал со музика (бил школуван на музичка школа во Стокхолм). Снимил неколку поп-хита, кои биле посебно популарни во Јапонија (како и филмот), а јапонските автори на манга-стрипови и аниме-филмови го користеле неговото лице во нивните анимации. Филмот е на репертоарот на Кинотеката и на 13, 18 и 17 април.