Настапувањето како жива статуа навистина бара трпение и физичка подготвеност, вели Стефан

Стефан Петровски, актер

Деновиве е актуелен фестивалот „Статуафест – другото лице на улицата“, кој, како и секоја претходна година, концептуално раскажува приказни. Оваа година раскажува за тангото, па фестивалот е насловен „Танго на улица“, со тенденција да го претвори Скопје во една мала но, сепак, голема уличка, сместена некаде во некој раздвижен простор во длабочините на духот на аргентинското танго, тежнеејќи да ги види и запознае оние страсни скопјани што со сиот свој дух лудуваат по тангото.
Стефан Петровски е една од живите статуи што ќе продефилираат низ скопскиот центар, а минатата недела беше дел од „Тротоарт“ во Бања Лука. Живите статуи годинава ќе бидат стационирани на скверот „Јадран“, денеска и утре, и без да трепнат ќе се обидат да ги развеселат случајните минувачи и љубителите на уличната уметност.

Повторно сте дел од „Статуафест“. Зошто е важен овој фестивал за градот?
– Оваа година темата е танго на улица, а локацијата ја променивме. Ќе стоиме на скверот „Јадран“, бидејќи сметаме дека тој дел од градот има посебна архитектура, а е премалку посетен. „Статуафест“ е важен за Скопје пред сѐ за да го одржи градот на европската културна мапа, на мапата на уличната уметност, која е секојдневие во многу градови во Европа. Па, потоа да ги развесели случајните минувачи и љубителите на уличната уметност.
Какви искуства собравте од Бања Лука? Како изгледаше „Тротоарт“ низ вашата призма?
– Бања Лука е многу убав град, питом за уличните уметници. Тоа го откривме и ние, бидејќи првпат го посетивме овој град воопшто, но и организаторите на „Тротоарт“, бидејќи ова беше прво издание на фестивалот. Сигурен сум дека фестивалот ќе им стане традиција, бидејќи видов премногу задоволни луѓе, а најголем доказ за тоа бeше нашата заработка од капа.
Каква жива статуа ќе претставувате во Скопје?
– Секоја година го менувам мојот акт. Првпат кога застанав на улица да бидам жива статуа, мојот акт беше „Шахист“, сега во Бања Лука го играв актот на „Рударот“, во Скопје ќе се претставам со сосема нешто друго. Црпиме идеи од секојдневниот живот и од актуелните случувања кај нас и во светот. Идеите за актовите и темите на скопскиот фестивал „Статуафест“ се на нашиот режисер Војо Цветановски.
Како е да се биде жива статуа? По колку часа во континуитет сте дел од уличната уметност?
– Нема поубава работа од оваа. На улица сѐ се случува спонтано, ниту јас знам како ќе реагира публиката ниту, пак, тие знаат што да очекуваат од мене. Убавината е токму во тоа што како улични уметници имаме директна интеракција со публиката. Ги гледаме нивните реакции и ја чувствуваме нивната енергија. Најчесто стоиме три часа. Најдолгиот акт ми беше три и пол часа без пауза. Настапувањето како жива статуа навистина бара трпение и физичка подготвеност. Не може секој да биде жива статуа, не се учи, едноставно можеш или не можеш да го правиш тоа.
Какво е чувството да се задржи здивот, ритамот на телото со часови, колку време можете да издржете без да трепнете?
– Секој од нас има посебна техника за сите овие работи. И тоа е логично, бидејќи сите сме различни и прагот на толеранција не е ист кај сите. Јас лично се трудам да задржам ист ритам на дишење за да можам да внесувам помало количество кислород, а со тоа да имам и помали или незабележливи движења во пределот на стомакот. Очите се чиста психологија. Колку повеќе мислиш на нив толку повеќе трепкаш. Очите се единствените на целото тело што не се нашминкани, па преку нив публиката се труди да открие дали сме навистина живи луѓе. Понекогаш толку многу ќе ме загледаат во очи, а јас намерно ќе мрднам, па реакциите се навистина многу интересни. Некои хистерично се смеат, некои се „вадат од кожа“ и почнуваат да врескаат бегајќи. Никогаш не сум мерел колку време не трепкам, но знам дека можам да издржам долго.
Која е магијата на оваа уметност?
– Магијата е во мистеријата. Костимот, шминката, односно актот во кој сме претставени како некој од секојдневниот живот (виолинист, рудар итн.) го задржуваат вниманието на случајниот минувач. Досега имам настапено повеќе од 20 пати. Откако првпат настапив како жива статуа и го воочив она за што раскажува живата статуа, односно секојдневието, она што ќе ми остави впечаток фотографски го замрзнувам во мојата меморија и од него создавам акт.
Омилен дел од трансформацијата жива статуа?
– Никогаш нема да си одговорам и веројатно тоа засекогаш ќе остане мистерија во мене, оние пет секунди кога од јас преминувам во улогата. Да бидам појасен, кога ги ставам шминката и костимот на мене.
Што најмногу ви го одвлекува вниманието на улица?
– Ајнштајн рекол дека само универзумот и човековата глупост немаат граница.