По отворањето на изложбата на светски афирмираниот албански уметник Дриант Зенели, насловен „Трилогија: Под површината има уште една површина“, Националната галерија на Македонија, која е организатор на поставката, стана дел од селекцијата на сајтот www.myartguides.com за најдобри светски изложби периодов, успех на кој раководството е особено гордо.
– Уште еднаш да потсетиме на концептуалниот уметнички дискурс на проектот. „Трилогија: Под површината има уште една површина“ е мултимедијален и интердисциплинарен проект, кој се состои од видеоинсталации, цртежи, редимејд-објекти и просторни инсталации. Елементот што ги поврзува филмовите и другите проектни дескриптори е минералот хром и научнофантастичната книга „Кон Еридановиот ипсилон“ на Арион Хисенбегас. Редефинирањето на идејата за неуспех, утопија и сон стои во срцевината на истражувањето на Зенели, како елементи што отвораат можни алтернативи. Во неговите филмови, моќта и историјата се испреплетени со поединечни наративи, предизвикувајќи утопии што го поткопуваат природниот поредок на нештата. Креативниот чин се храни со непланираните средби и односот со архитектонското наследство на местата.
Зенели ги користи своите филмови како материјал за моделирање на местото и времето. Претставите имаат форма на партиципативни интервенции, при што уметникот го создава значењето на делото со гледачите. Елементот на гравитација резонира низ целата уметничка продукција, било да се тоа филмови, цртежи или случувања, во постојан обид да се одвои од Земјата, да си игра со сопствените граници и да се пронаоѓаат нови површини на реалното и фантастичното под привидната површина – се вели во соопштението на НГМ.