Музичко-поетскиот и визуелен перформанс „Диши љубов“ ќе ја има својата премиера на 25 март (петок) во Концертната сала на Филхармонијата, со почеток во 20 часот. Станува збор за сосема нов и уникатен проект со музика на композиторот и диригентот Џијан Емин и текстови на музикологот Тина Иванова, во кој музиката создадена низ песни раскажува љубовна приказна полна со емоции – микс на носталгија и надеж за подобро утре.
Музиката ќе биде изведена од бендот „оВо“ составен од извонредните и веќе добро познати музичари на македонската јавност: Џијан Емин – гитара и вокал; Драган Гиновски-Гино – гитара; Ади Имери – гитара и вокал; Дарко Мучев Мучо – бас-гитара и Гоце Стевковски – тапани, заедно со „Магичниот гудачки ансамбл“, во кој членуваат музички уметници од Филхармонијата и хорот „Магични гласови“. Сцената ќе биде збогатена со визуелни ефекти специјално создадени за овој настан од страна на уметникот Емил Петров.
– Инспирацијата да се реализира овој концерт првично произлезе од проблемот со кој во изминативе години се соочува Македонија – загадениот воздух и сѐ што повлекува тоа со себе, особено свеста за екологијата и за човечкото здравје. Од друга страна, проектот се доживува и како чисто љубовен, бидејќи самата тематика се базира на онаа првична, наивна љубов, на заемна страст помеѓу двајца партнери – велат авторите на „Диши љубов“.
Песните ќе бидат испеани целосно на македонски јазик, а музиката и лириката ја поседуваат онаа скопска, носталгична звучна естетика и влече корени од музиката од 1980-тите и особено од музиката од 1990-тите години, создавана на американското и на британското музичко поднебје.