Осум претстави од голем формат и со силен режисерски печат во официјална конкуренција на фестивалот

Годинашното, 56-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи од 3 до 11 јуни, во Прилеп. Добитници на наградата за животно дело се македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Бедија Беговска, доајенка во Турскиот театар, и драматургот и професор на ФДУ Русомир Богдановски.

Во официјалната програма на годинашниот фестивал ќе бидат изведени осум претстави што ги избра селекторот д-р Иван Додовски. Со „Артуро Уи“ од Бертолд Брехт, во режија на Ќендрим Ријани, ќе настапи Народниот театар од Битола, а со „Бракот на Марија Браун“ од Рајнер Вернер Фасбиндер, во режија на Драгана Таневска, Народниот театар од Струмица. Другите претстави во официјална конкуренција се „Вишновата градина“ од Антон Павлович Чехов, во режија на Владимир Милчин, во изведба на Турскиот театар од Скопје; „Декамерон“ според Џовани Бокачо, во режија на Мартин Кочовски, во изведба на Народниот театар од Прилеп; „Јазли“ од Рефет Абази, во режија на Куштрим Бектеши, во изведба на Албанскиот театар од Скопје; „Клетвата на Скотје“ од Нил Сајмон, во режија на Синиша Евтимов, во изведба на театарот „Комедија“ од Скопје; „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ, во изведба на Македонскиот народен театар од Скопје; и „Се викам Горан Стефановски“ („My name is Goran Stefanovski“), во режија на Бранислав Миќуновиќ, во изведба на Драмскиот театар од Скопје.

– Особена чест ми е што ми беше доверена задачата да бидам селектор на официјалната програма за 56-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Понудени беа деветнаесет претстави од репертоарот на македонските професионални театарски куќи. Од тој поширок пресек на домашната театарска продукција, направена во година на продолжени епидемиолошки и други ограничувања, избрав осум претстави. Тие ги одразуваат сегашните дострели на македонскиот театар, кој и тематски и формално ги испитува можностите за соочување со нашата загрижувачка стварност. Кога многумина помислуваат дека театарот замолкнал и дека не може да излезе накрај со камшикот на времето и со неправдите на локалните и глобалните силници, овие осум претстави сведочат дека театарот, сепак, не престанал да ги истражува и да ги покажува со јазикот на сценската игра двете најсуштински димензии на човекот – слободата и достоинството – вели селекторот Додовски.

Избрани се претстави од голем формат и со силен режисерски печат. Тоа остава впечаток дека во редот на искусните режисери, како Миќуновиќ и Милчин, се приклучуваат и силни режисерски имиња од средната и од помладата генерација. Исто така, според селекторот Додовски, во овие претстави може да се издвојат значајни актерски, драматуршки, сценографски, костимографски и композиторски остварувања. Официјалната програма на овој најзначаен домашен театарски фестивал во 2022 година ќе овозможи да се гледа театар што го премостува хијатусот на затворањата и стравот. Тоа е театар што нуди критички и отрезнувачки поглед кон самите нас.
Дополнително, како што информира уметничката директорка Катерина Коцевска Хаџи Василева, ќе биде утврдена придружната програма и ќе се знае жирито што ќе ги додели наградите на 56-от МТФ „Војдан Чернодрински“, кој годинава има намалени средства во однос на потребните.