Претставување на „Пејзажи на восхитот“ на Дарко Алексовски

Самостојната изложба „Пејзажи на восхитот“ на уметникот Дарко Алексовски, еден од тројцата наградени автори за најуспешен автор и дело на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници, ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во МСУ. Наградата подразбира реализација на самостоен проект во Музејот на современата уметност – Скопје. „Пејзажи на восхитот“ е наративен и истражувачки уметнички проект (цртежи и проекција), составен од три посебни целини, кои меѓусебно наративно и формално се дополнуваат.
– Со оваа награда, која подразбира реализација на самостоен проект, Музејот на современата уметност – Скопје, како одговорна институција, покажува грижа и отвора можности за надоаѓачките генерации македонски уметници, а со самото тоа има цел да ги стимулира младите артисти да создаваат дела, кои добиваат шанса да ги покажат пред пошироката јавност – велат од МСУ.
Овој проект е комплексен приказ за барањето и лутањето низ секојдневието, емоционалните процеси на вљубување и невозвратена љубов, како и постојаниот копнеж по нови неостварени начини на сеќавање.

– Проектот е составен од три сегменти: „Мал прирачник за мечтаење“, тековна серија што претставува самостојно печатено издание, потоа „Сцени од секојдневниот живот што постојано се одвиткуваат“, серија дела (цртежи) што се занимаваат со фрагментираноста и ефемерноста на пејзажите на секојдневието, и „Хоризонт што не може да се види, но може да се замисли“, серија колажи проектирани на аналоген проектор, кои се занимаваат со сеќавања поврзани со хоризонтот, како место што е крајно недостижно – велат кураторите на изложбата Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.
Во овој циклус од цртежи, авторот создава еден топол и поетско- лирски амбиент, инспирирајќи се од секојдневните теми.
– Станува збор за внатрешно чувствување и откривање, а тоа визуелно го гради во еден систем на квадрати. Имагинарната игра на реални предмети и секојдневни складни форми, кои со своите заемни односи и контрасти чинат еден одделен свет во рамките на композицијата на цртежот и целата инсталација – вели кураторката Ива Димовски.
На неа се надоврзува и кураторот Владимир Јанчевски, кој смета дека делата од оваа изложба на Алексовски отвораат можност за повеќенасочно и подлабоко исчитување на релацијата меѓу имагинацијата на уметникот и стварноста во која таа се реализира.

– Преку употреба на различни медиуми во поставката, која е контекстуализирана и адаптирана за конкретниот изложбен простор на МСУ-Скопје, авторот овозможува исчитување и на посебните дела и на целината, кои се позиционирани на граничните точки на визуелното и наративното, укажувајќи на специфичниот комплементарен однос на сликата и текстот – вели Јанчевски.
Другите двајца наградени автори од 13. Меѓународно биенале на млади уметници, Наташа Неделкова и Дритон Селмани, исто така ќе се претстават со самостојни поставки во МСУ – Скопје во текот на оваа година. Наташа Неделкова ќе има самостојна изложба на 7 мај, а Дритон Селмани ќе се претстави со свои дела во ноември.