MoMA нуди курсеви за модерна уметност, фотографија и мода

Музејот за модерна уметност во Њујорк (МоМА) почна серија бесплатни онлајн-курсеви за уметност како дел од напорите на институцијата да ја задржи публиката стимулирана за време на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. За време на секој курс, студентите ќе можат да слушаат предавања директно од куратори, уметници и од дизајнери, како и подетално да ги разгледаат делата прикажани во колекцијата и изложбите на МоМА.
MoMA ги прави курсевите достапни преку платформата „Курсера“, каде што онлајн-часовите со флексибилни рокови им овозможуваат на студентите да ги завршат во свое темпо.

Курсевите се: „Модата како дизајн“, „Гледање преку фотографии“, „Во студио: апстрактно повоено сликарство“, „Модерна уметност и идеи“ и „Што е современа уметност“.
– Овие курсеви нудат одговори преку 70 уметнички дела направени меѓу 1980 и сегашноста, со фокус на уметноста од изминатата деценија. Ќе слушнете директно од уметници, архитекти и дизајнери од целиот свет за нивните креативни процеси, материјали и инспирација – велат оттаму.

Курсот „Што е современа уметност“ е дизајниран за секој заинтересиран да научи повеќе за модерната и современата уметност. Во текот на часовите, уметноста ќе се разгледува низ најразлични теми: места и простори, уметност и идентитет, трансформирање секојдневни предмети и уметност и општество. Секоја недела почнува со видео што ги поврзува уметничките дела од колекцијата на музејот на модерната уметност со темата. Учениците ќе имаат можност да слушнат аудиоинтервјуа со уметници, дизајнери и со куратори и да дознаат повеќе за избраните дела во дополнителните читања и ресурси.

– Курсот „Модата како дизајн“ се фокусира на избор на повеќе од 70 облеки и додатоци од целиот свет, почнувајќи од ткаенина од свила до фармерки и 3Д-испечатени фустани. Преку овие облеки, ние ќе разгледаме одблизу што носиме, зошто да носиме, како е направена облеката и што значи таа. Ќе слушнете директно од низа дизајнери, креатори, историчари и други што работат со облека секој ден – и, во некои случаи, го реинвентираат повторно во иднина – објаснуваат од МоМА.

Од МоМА додаваат дека на курсот „Гледајќи преку фотографии“, пак, внимателно ќе погледнете фотографии од колекцијата на Музејот за модерната уметност и ќе слушнете различни перспективи за тоа какви се фотографијата и начините на кои се користи фотографијата низ целата своја 180-годишна историја: како средство за уметничко изразување, како алатка за наука и истражување; како инструмент на документација; како начин на раскажување приказни и снимање истории; и како начин на комуникација и критика во нашата сѐ повеќе визуелна култура.