Нова книга на Киро Донев

Познатиот македонски писател за деца и млади Киро Донев (79) неодамна објави нова книга со наслов „Летопис на душата“, мемоари од писателските дружења со автори од цела Европа, со кои се среќавал на детските литературни фестивали во регионот. Издавач е манифестацијата „Средби под јаворите“, која се одржува во спомен на писателот Видое Подгорец, а уредник на изданието е професорката Ана Витанова-Рингачева.
– „Летопис на душата“ претставува мала книжевна историја што повеќе од пет децении ја пишувал македонскиот писател Киро Донев. Одејќи по сите познати книжевни манифестации посветени на литературата за деца во Македонија, но и во цела Европа, саеми на книги и читања, Донев остварува средби со писатели за кои книжевноста била и останала единствената и најголема љубов. Нивните ракописи, нивните пораки, желби и надежи остануваат запишани на страниците на неговиот „тефтер“ (како што го нарекува писателот Неџати Зекерија), кој секогаш и секаде го носел со себе. „Кога би пропаднала целата југословенска литература за деца, доволно е да се спаси тефтерчето на Киро“, ќе напише писателот за деца Неџати Зекерија, во Кичево, на 10 мај 1975 година. И навистина, „Летописот“ на Киро Донев преживеа! Големото единство за миг се претвори во прав, но денес токму од тој прав на виделина излегуваат пожолтените страници што Киро Донев со години ги чува како највредно богатство – напиша во предговорот Витанова-Рингачева.
За писателката и новинарка Сузана Мицева, која беше промоторка на книгата, Киро Донев е раскошен поет, ведар лик, нескротлив темперамент и голем шегаџија.
– Киро редовно нѐ разведрува со секоја нова книга. Небаре така е заветен, да му носи саде радости на читателскиот свет. Таква е и неговата последна објава, но овој пат не се тоа авторски текстови, туку мемоари од полувековните поетски дружења, настапи, фестивали. Негова сопствена книжевна историја што зборува не само за неговиот авторски свет туку ни дава еден поинаков преглед и во светот или, подобро кажано, темпераментот на авторите за деца со кои тој бил во контакт и со кои дружел.

На оние со кои се дружи често, Киро им е препознатлив и по една изветвена тетратка, скини-врзи составена, од која постојано испаѓаат ливчиња и која никој освен него не ја допира со раце. Не, тој со радост ја покажува, ама само ако сте согласни лично да ги врти страниците, небаре ретката реликвија не трпи туѓ допир. Потребно беше време Киро да прифати да го подели својот книжевен свет со публиката. А оние што ќе имаат можност да ја видат „Летопис на душата“, ќе се сретнат и со други поетски души. Можеби токму нивните омилени писатели за деца ќе се потсетат на нивните ликови, ќе ги видат нивните ведри своерачно запишани пораки, ќе го сетат добриот хумор на едно поетско време – вели Сузана Мицева.
Самиот Киро Донев за ова дело вели дека е книжевна историја.
– Секаде каде што патував на детските фестивали („Змаеви детски игри“, „Детски Караманови средби“, „Гоцеви денови“, „Курирче“…) го носев тефтерот со мене, почнувајќи од 1970 година. Во него има сведоштва од 130 писатели од Македонија, некогашна Југославија, но и од повеќе европски земји. Името „Летопис на душата“ му го даде мојот колега, писателот Велимир Милошевиќ, една вечер кога се враќавме од „Струшките вечери на поезијата“. Со нејзиното издавање се заокружува една петдецениска работа. Наедно сакам да им упатам порака на младите да читаат, да не ги забораваат корените, уште од најрана возраст да се запознаваат со творештвото на писателите за деца од целиот Балкан, а имињата на најдобрите од нив ќе ги најдат токму во оваа книга со уникатни пораки – ни рече Киро Донев.