Светскиот музички печат се натпреварува со високи оцени за новиот албум на пијанистот Симон Трпчески, кој го издаде британската издавачка куќа „Лин рекордс“, пред точно два месеца.
Престижното британско и едно од водечките светски музички списанија, „Грамофон“, во својот јунски број го издвои новиот албум „Варијации“ на Симон Трпчески како цеде на месецот, во избор на уредникот Патрик Ракер.
Трпчески за својот најнов соло-носач на звук (трет за издавачката куќа „Лин рекордс“) направи внимателен избор на дела од Моцарт, Бетовен и од Брамс.
За новото издание со варијациите во изведба на Трпчески, рецензентот на „Грамофон“ истакнува дека во исто време ќе предизвика восхит и зачуденост.
– Интерпретацијата на Трпчески на оваа деликатна, нежна музика (од Брамс – н. заб.) е најличното свирење што сум го слушнал од него. Длабоко тапациран, секако, но во исто време јасен, жесток и искрен… целата варијација (од Моцарт – н. заб.) е како виор низ прозорецот на возилото, кое забрзано се движи по автопатот со безмалку 130 километри на час… изведбата на Трпчески овде (за Бетовеновите варијации – н. заб.) може да послужи како саундтрак за научнофантастичен филм на Андреј Тарковски… – пишува критичарот за светско списание за класични рецензии „Грамофон“.
Максимални пет ѕвездички и за изведба и за квалитет на снимката на албумот „Варијации“ му додели и престижниот британски „Би-би-си мјузик магазин“, чиј рецензент Мајкл Чрч ја истакнува „карактеристичната префинетост на Трпчески“, подвлекувајќи ги убавината и лесниот допир, кои изведбата „во исто време ја прават интимна и земјотресна“.

За францускиот магазин „Класика“, критичарот Ален Ломпеш, поентира дека „македонскиот пијанист Симон Трпчески прави да не се фокусирате само врз музиката туку овие варијации стануваат и вистински лекции за стил“, благодарение на, како што вели, „крилестата виртуозност“ на пијанистот.
Концертната сезона на Трпчески продолжува со несмалено темпо.
По рециталните настапи во Соединетите Американски Држави, концертите со Кралскиот шкотски национален оркестар низ Шкотска и четирите вечери со Сиднејскиот симфониски оркестар во Градската куќа во Сиднеј, Австралија, јунскиот распоред на нашиот пијанист го води на завршницата на сезоните на Филхармонискиот оркестар на Рочестер во САД, каде што со шеф-диригентот Андреас Делфс ќе го изведе Концертот за пијано и оркестар од Григ и на Енеску филхармонијата во Букурешт, Романија, каде што во две вечери под диригентската палка на шеф-диригентот и на Македонската филхармонија, Габриел Бебешелеа, ќе го изведе Вториот концерт за пијано и оркестар од Брамс.
Крајот на јуни е резервиран за нов заеднички концерт со легендарниот виолинист Максим Венгеров во Белград. Потоа, Трпчески (во текот на јули) ќе одржи рецитал во Загреб, а ќе настапи и крај Тулуз, Франција, на малиот Фестивал на камерна музика во организација на нашиот доајен, виолинистот Благоја Димчевски. Следуваат концертите со „Македонисимо“ во северноамериканската премиера во Отава, Канада, и повторните гостувања во Пјонгчанг, Јужна Кореја. Завршниот концерт од сезонава е во рамките на музичкиот фестивал „Грент Парк“ во Чикаго, САД, информира „КултурОп“.