Концертот им е посветен на сите жртви во војните што се водат низ светот,
а музиката е порака за мир

Koнцертот насловен „Слобода“, со кој оркестарот на Филхармонијата ќе го заокружи официјалниот дел од програмата на концертната сезона „Филхармонија во движење“, ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во соборниот храм „Св. Климент Охридски“. За првпат ќе биде изведено грандиозното вокално-инструментално дело „Реквием за војната“ од Бенџамин Бритн под диригентската палка на маестралниот Бенџамин Шварц (Израел/САД). Во изведбата учествуваат Камерниот и Симфонискиот оркестар на Филхармонијата, Хорот на Софиската филхармонија, Детскиот хор при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и солистите Весна Ѓиновска-Илкова, Стеван Каранац (Србија) и Горан Начевски.
Концертот им е посветен на сите жртви во војните што се водат низ светот, а музиката е порака за мир.
Бенџамин Бритн го напишал „Реквием за војната“ како нарачка од Англиската катедрална црква „Св. Михаил“ во Вест Мидлендс, која повторно била изградена, откако целосно била разрушена по бомбардирањата во Втората светска војна. Ова дело претставува остварување на долгогодишниот сон на Бритн, во кое ја реализирал својата желба да напише вокално-инструментално дело и наедно да ја инкорпорира во него сопствената верба во хуманоста и да го изрази своето длабоко сочувство кон жртвите во војните. Како што самиот изјавил, „Реквием за војната“ е акт на помирување. Во „Реквием за војната“, Бенџамин Бритн инкорпорира фрагменти од поетот Вилфред Овен (1893-1918), кој, според него, бил еден од „најголемите воени поети, еден од најоригиналните во 20 век“. Првата изведба на ова грандиозно дело била на 30 мај во 1962 година, во катедралната црква „Св. Михаил“. Реакциите од изведбата биле одлични – делото било декларирано како монументален музички тестамент против војната, конфликтите и насилството.

Следната сезона, Бенџамин Шварц ќе работи како шеф-диригент на државниот оркестар на Рајнската филхармонија. Од 2013 до 2016 година работи како музички директор на Филхармонискиот оркестар на Вроцлав, Полска. Со својата работа во овој оркестар тој беше вклучен и во голем број од настаните што се реализираа во 2016 година, кога Вроцлав беше Европска престолнина на културата. Работел и како гостин-диригент на Филхармонијата на Дисбург (2019-2020), бил гостин-диригент на Симфонискиот оркестар на Сан Франциско и музички директор на Младинскиот оркестар во овој американски град. Репертоарот на Шварц го рефлектира неговиот антидогматски, отворен однос кон програмата и делата од различни епохи и стилови – од делата на Џон Адамс, до Малер, Брамс, Барток… Бил вклучен и во проектот „Години на вознемиреност“ во соработка со скулпторот, сликар и сценограф Александар Ползин, продукција што се базира на поезијата на англоамериканскиот поет В.Х. Оден, во која преку музика и слики се прикажуваат настани од раниот 20 век. Како гостин-диригент, Шварц настапувал во Кралската филхармонија на Стокхолм, Филхармонијата на Лос Анџелес, Кралскиот шкотски симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Токио, Националниот оркестар на Лил и многу други. Работел и оперски продукции во Шведската кралска опера, Операта во Келн, Вајнмар… Работел и балетски продукции, меѓу кои и кореографијата на Пина Бауш на „Посветување на пролетта“.
Во неговата дискографија се делата од Алберт Шнелцер, кои ги сними со Симфонискиот оркестар на Готенбург, делата на Поул Рудерс со Симфонискиот оркестар на Оденсе и музиката на Васо Мендонца со Оркестарот на Гулбенкиан.