Традиционалната манифестација „Среќна Баба Марта 2018“ на која ќе бидат изложени рачно изработени мартинки од Македонија, Бугарија и од Романија се отвори викендов во трговскиот центар „Рамстор мол“ во Скопје. Организатор на настанот е центарот за научно истражување и промоција на културата „Хаемус“ и е дел од активностите врзани со интернационалната апликација во УНЕСКО по повод признавањето на овој традиционален украс како нематеријално светско културно наследство. Апликацијата заеднички ја поднесоа Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија. Изложбата ќе биде отворена до 4 март и ќе бидат прикажани мартинки од неколку држави, односно оригинални рачно изработени амајлии. Постановката ќе биде збогатена и со едукативни панели, продажна галерија со ракотворби и креативни работилници за деца.

– Мартинките се дел од културниот идентитет на македонскиот народ, но и дел и од традицијата на неколку други народи од Балканот, што е заедничка нишка што го поврзува овој дел од Европа. ХАЕМУС ги почитува мартинките, верувањата и обичаите поврзани со нив и ги негува во духот на традицијата, во сите облици и начини, кои би придонеле за нивната поширока промоција. Македонскиот дел од мултинационалната апликација во УНЕСКО меѓу другото се темели и на поддршката што во писмена форма ја даде тимот на ХАЕМУС. Изразуваме задоволство што овие амајлии станаа нематеријално светско културно наследство вклучено на листата на УНЕСКО – вели Василка Димитровска, директорка на „Хаемус“.

Во дел од активностите на манифестација се вклучи и издавачката куќа „Арс ламина“, со изработка на изданија за деца со наслов „Мартинки: конци, плетки и црвено-бели сплетки“, како и со креативни работилници преку едукативниот центар „Арс ламина“ и книжарниците Литература.мк.

– „Арс ламина“ се приклучува кон манифестацијата „Среќна Баба Марта 2018“ и по повод влегувањето на обичајот мартинки на листата на нематеријално светско културно наследство на листата на УНЕСКО изработи и издаде книги за деца за мартинките, и тоа на три јазика – македонски, албански и англиски јазик. Со ова издание сакаме на најмалите да им го приближиме овој обичај како дел од културното наследство, на еден забавен и детски начин, да им дадеме идеи како и самите да ги изработуваат и со тоа да помогнеме за продолжување на традицијата – вели Бранка Бугариска, директорка на издаваштво во „Арс ламина“.