Mузичка приказна

99

Портретите на музата

Алма Малер (Виена, 1879 – Њујорк, 1964), ќерката на австрискиот сликар Емил Шиндлер, пораснала опкружена со уметност и со уметници. Била одлична пијанистка и композиторка, интелигентна, образована, убава дама со широк и отворен дух и ум, секогаш била посакувано друштво на уметниците и, истовремено, нивна инспирација, нивна муза.
Во младоста, Алма (тогаш Шиндлер) имала близок пријателски однос со Густав Климт (1862-1918). Тој во повеќе наврати ја портретирал, но тие портрети, од непознати причини, останале скриени од очите на јавноста.
Во 1902 година се омажила за Густав Малер (1860-1911), еден од најдобрите и најкомплексни композитори на дваесеттиот век. До крајот на својот живот Малер бил фасциниран од својата сопруга и муза. Нејзиниот лик провејува речиси во целото творештво на Малер од времето на нивниот брак, но најизразен е во Шестата симфонија (насловена „Трагична“). Втората тема во првиот став, во музичкиот свет често нарекувана „Темата на Алма“, е всушност портрет на Алма Малер. Во основа е љубовна, лирска тема. Со едноставната, но истовремено испреплетена хармонија, нуди чувство на возвишеност. Преработена на крајот на ставот, „Темата на Алма“, нејзиниот портрет, е најсреќната точка во целата симфонија.

По смртта на Малер, Алма во 1912 година се запознава со Оскар Кокошка (1886-1980) и меѓу нив пламнува страсна љубов. Маѓепсан од чувствата, во текот на нивната тригодишна врска, Кокошка насликал многу нејзини портрети. Ја претставил како нова Џоконда, со мистериозна насмевка како Мона Лиза, како гола љубовница во еротски танц, како сонлива дама во прегратките на саканиот, ја насликал замислена и со далечен поглед, ја овековечил како „Невеста на ветрот“ во неговата најпозната слика.
Сите овие портрети се ремек-дела. Мене најдраг, и во душата најблизок, ми е музичкиот портрет од генијалниот Густав Малер.

Лада Шоптрајанова Петровска