Годинава се навршуваат 65 години од раѓањето на еден од најголемите кавадаречки и македонски ликовни уметници – Ристо Соколов-Сокол (1957 – 2015). Годишнината ќе биде одбележана со два големи настани до крајот на мај.
Ристо Соколов зад себе остави импозантно ликовно творештво, беше графичар и графички дизајнер по образование, а насекаде важеше и како исклучителен креатор на извонредни ликовни перформанси, мултимедијални настани, автор на голем број театарски сценографии, сценограф на многу музички концерти и фестивали и др. Беше и голем ликовен иноватор што го покажа со неговата врвна ликовна изложба „Некогаш и денес“, на која се претстави со циклус дела работени со природни материјали.
– Соработуваше со најдобрите уметници од сите дејности – театар, фотографија, музика, литература, стрип и др. Беше извонреден ентериест, голем број локали низ Кавадарци, Македонија, Бугарија, Србија, сѐ уште го носат неговиот уметнички печат.

Излагаше низ многу земји, уметнички дејствуваше низ половина свет (Њујорк, Париз, Белград, Загреб, јадранското приморје, Берлин и секако речиси во секој град во Македонија). Неговото тестаментарно креативно дело беше, секако, уметничкото студио „Сокол арт“. Неговото отворено ателје и место на слобода за изразување, дружба и соработка на сите уметности и уметници. Освен изложби на неговите дела, во „Сокол арт“ се одржаа неколку изложби, групни и поединечни на кавадаречки и македонски уметници, како и промоции на книги, концерти на поединци и бендови од различни музички жанрови. Како уметничко студио „Сокол арт“ згасна со неговото заминување, но неговите долгогодишни соработници, сопатници низ животот, пријатели и соборци денес се собрани како неформална уметничка група, секако во чест на Ристо Соколов-Сокол – вели Марјан Тодоровски од „Алтер центар“ – Кавадарци.
Ристо Соколов-Сокол беше и еден од основачите на ова здружение, кое денес ја реализира и меморијалната манифестација „Пријателите за Ристо“, која годинава по осми пат ќе се одржи кон крајот на мај.

– Манифестацијата во секое нејзино издание се одржува на различен простор во Кавадарци, за од минатата година да започне да се одржува и во други градови (Демир Капија). На манифестацијата во сите нејзини изданија со свои дела учествуваат млади, но и познати ликовни уметници, фотографи, рок и џез-бендови, класични музичари, драмски актери и млади, но и познати поети.
Исто така дел од програмата е и ретроспективна изложба, своевиден омаж на неговата уметност и живот, секако, со поддршка на неговото семејство, пријатели и соработници и една институција во неговиот роден град, и тоа Музеј-галеријата Кавадарци – вели Тодоровски.
Изложбата со придружни настани ќе биде отворена утревечер во ликовните салони на Музеј-галеријата Кавадарци.